40-годишниот Андреа Ферето од Ница Монферато се шокирал кога дознал дека за шест месеци редовно возење на работа и назад,натрупал казни во вкупен износ од 28.000 евра. Имено, секојдневно патувал до Тортона, каде што работел како обезбедување во супермаркет, а сите казни ги забележала една иста камера за надзор на брзината поставена во Бацана ди Момбаруцо.
- Шест месеци секој ден возев по ист пат, наутро на работа, навечер дома. Камерата се наоѓа на кривина и е скриена со висока жива ограда, поради што не може да се види - изјавил Ферето за италијанските медиуми повикувајќи се на пресуда на Касацискиот суд според која камерите за надзор мора да бидат јасно означени и однапред видливи за возачите, во согласност со законот.
Ферето ги оспорува казните од две причини: камерата немала официјално одобрение од 2021 година и била непрописно поставена, односно скриена зад висока жива ограда, во близина на улично осветлување и на непрегледен дел од патот. Тој е убеден дека на тој начин не се зголемила безбедноста, туку целта била исклучиво финансиска добивка.
- Сфаќам дека можев да добијам неколку казни, три или четири, но да тврдат дека сум казнет сто пати за шест месеци, тоа не е нормално - изјавил тој.
Ситуацијата станала посложена кога од општината добил единствен документ со детална листа на сите прекршоци и долговите што ги должи.
- Бев вчудовиден. Ја повикав полицијата мислејќи дека се работи за системска грешка, но ми рекоа дека не е така и дека навистина имам сто казни - вели тој додавајќи дека побарал правна помош, но испаднало дека законскиот рок за жалба веќе истекол и дека казните немаат формални неправилности. Со тоа му било потврдено дека долгот мора да го плати, иако неговата финансиска состојба е исклучително тешка.
- Месечните примања ми се 1.100 евра, а минатиот петок добив известување за административно одземање на автомобилот и скутерот - вели тој.
И покрај сè, не се откажува. Испратил официјално барање за отстранување на спорната камера и нејзино преместување на повидливо место, во надеж дека ова нема да му се случи на друг.
Извор:
Vecernji.hr
Фото: Freepik