X
 17.04.2018 Култура

Пулицерова награда за известувањата за Вајнстајн, Трамп, Рохингите и за раперот Кендрик Ламар

„Њујорк тајмс“ и „Њујоркер“ се овогодишните добитници на Пулицеровата награда за известувањето од јавен интерес за холивудскиот скандал во врска со обвиненијата за сексуално вознемирување против продуцентот Харви Вајнстајн. Тие стории го покренаа движењето #MeToo против сексуалното вознемирување во другите индустрии.

Одборот за доделување на наградата, за работата на новинарите што го разоткрија Вајнстајн рече дека е „експлозивно, влијателно новинарство кое ги разоткрило моќните и богати сексуални грабливци“.

„Њујорк тајмс“ сподели уште една награда, но со „Вашингтон пост“, за националното известување за наводното руско мешање во американските претседателски избори во 2016 година и наводниот дослух меѓу руските службеници и кампањата на претседателот Доналд Трамп.

Пулицеровата награда е најпрестижното признание во американското новинарство, установена од страна на издавачот Џозеф Пулицер, а се доделува од 1917 година.

Британската новинска агенција Ројтерс доби награда за меѓународното известување за војната која филипинскиот претседател Родриго Дутерте ја води со наркокартелите, како и за фотографија за сликите од мигрантската криза на народот на Рохинги.


Фото: BBC

Весникот „Прес-демократ“ од Калифорнија доби награда за итна вест, за пожарите што минатата есен ја зафатија Калифорнија.

Во областа на уметноста, наградата за роман отиде во рацете на Ендрју Шон Грир за романот „Less“, Мартина Маџок доби награда за драмата „Cost of Living“, а Френк Бидарт доби награда за поезија за делото „Half-light“.



Кендрик Ламар стана првиот рапер што добил Пулицерова награда за албумот „DAMN“.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура