X
 02.09.2016 Култура

Говорот на Мајка Тереза при доделувањето на Нобеловата награда за мир

Дозволете заедно да му се заблагодариме на Бога за оваа прекрасна можност заеднички да ја изразиме радоста за тоа што шириме мир, радоста за тоа што меѓусебно се сакаме и што го сакаме Него, затоа што најсиромашните се наши браќа и сестри.

Се собравме овде за да му се заблагодариме на Бога за овој подарок на мирот. На сите вам ви ја дадов молитвата за мирот со која се молеше Франц фон Асиси пред многу години и размислувам за тоа дали и тој не ја чувствуваше истата потреба што ние ја чувствуваме сега.

„Направи нè достојни, Господару, да им служиме на луѓето во целиот свет што живеат и умираат во беда и глад. Дај им преку нашите раце леб и преку нашата разбирачка љубов мир и радост. Господару, направи ме гласник на Твојот мир, да донесам љубов онаму каде постои омраза; каде владее неправда - духот на простувањето; каде има неединство - единство; каде има очај - надеж; каде има сенки - светлина; каде има тага - радост. Господару, дозволи да барам, повеќе да тешам отколку да бидам тешена; да разбирам отколку да бидам разбрана; да сакам отколку да бидам сакана; бидејќи со заборавање на самиот себе човек наоѓа; со простување се простува; со умирање се разбудуваш во вечниот живот. Амин.“

Бог го сакаше светот толку многу што ни го подари својот син; му го даде на девица, на света Дева Марија, а таа побрза во моментот, кога доби живот во себе, да го даде на друг. А што правеше таму? Ја заснова работата на слугинка. Таа служеше. Ја ширеше радоста да се сакаат другите. И Исус Христос те сака и тебе и мене и го даде својот живот за нас. И, како тоа да не беше доволно за него, постојано велеше: „Сакајте, како што јас Ве сакав, како што сега Ве сакам.“ А, како треба да сакаме? Да сакаме со тоа што даваме, бидејќи тој ни го даде својот син. Тој го даде својот живот за нас и продолжува да дава; дава овде, насекаде, во нашиот сопствен живот и во животот на другите.

За него не беше доволно да умре за нас, тој сакаше да се сакаме еден со друг, да го гледаме него во другиот.

А, за да се биде сигурен дека разбираме што ни треба тој ни рече дека во смртниот час ќе бидеме мерени според тоа што сме биле за сиромашните, гладните, голите, оние без своја татковина. Тој стана сам гладен, голем без татковина, гладен не само за леб, туку за љубов, гол не без едно единствено парче облека, туку гол без човеково достоинство; без татковина не само затоа што нема свој дом, туку без татковина затоа што е заборавен, несакан, незгрижен, нељубен од никого. А тој рече: „Она што му го сторивте на најмалиот од моите браќа, тоа ми го сторивте мене“.

Толку е прекрасно за нас да станеме свети преку оваа љубов. Светоста, имено, не е луксуз за малкумина, туку едноставна обврска за секој од нас. И само на тој начин, ќе постигнеме меѓусебна љубов.

Денес, кога ја добивам оваа голема награда - јас лично сум сосем недостојна за неа - се радувам за нашите сиромашни, среќна сум дека можам да ги разберам сиромашните, подобро кажано бедата на нашите луѓе. Благодарна сум и многу среќна што ја добивам оваа награда во името на гладните, голите, оние без татковина, хендикепираните, слепите, болните од лепра. Во името на сите оние што се чувствуваат непосакувани, нељубени, незгрижени, истуркани од нашето општество. Ја прифаќам оваа награда во нивно име и сигурна сум дека оваа љубов ќе донесе љубов, која што е полна со разбирање меѓу богатите и сиромашните. На ова инсистираше Исус, затоа дојде на овој свет, да им ја даде оваа радосна порака на сиромашните.

Пред неколку недели се здружија неколку сиромашни лица. На сиромашните сакавме да им ја објавиме радосната порака: „Бог нẻ сака, ние го сакаме, тие се за нас некој, и тие се создадени од истата љубена рака Божја за да сакаат и да бидат сакани.“

Нашите сиромашни се големи луѓе, тоа се луѓе достојни да се сакаат. Не им е потребно нашето сочувство и симпатија, потребна им е нашата љубов полна со разбирање. Потребен им е нашиот респект, сакаат да ги третираме со љубов и почит. А јас чувствувам дека ова го дознаваме, дека дури сега треба да научиме каква е смртта на нашите луѓе.

Никогаш нема да заборавам кога еднаш видов еден човек на улица. Беше покриен со црви. Неговото лице беше единственото место што беше чисто. Го донесов во домот за згрижување, а тој ми рече само една реченица: „Живеев на улица како животно, но сега ќе умрам како ангел, сакан и згрижен.“ И почина прекрасно. Отиде во домот Господов. Смртта не е ништо друго освен одење во домот на Бог. Чувствував дека тој се израдува на оваа љубов, дека беше посакуван, љубен, дека беше некој за некого.

Убедена сум во нешто што би сакала да ви го кажам: најголемиот уништувач на мирот е врисокот на невиното, нероденото дете. Ако мајка може да го убие своето дете во своите пазуви, какво потешко злосторство постои од ова, како да се убиваме едни со други? Дури и во светото писмо стои: „Дури и кога мајката би го заборавила детето, јас нема да го заборавам.“ Но, денес се убиваат милиони неродени деца, а ние не велиме ништо. Во весниците го читаме ова или она, но никој не говори за милионите мали, кои биле прифатени со истата љубов како и Вие и јас, со животот Божји. А не велиме ништо, неми сме.

Нациите, кои го легализираа абортусот се најсиромашните нации. Тие ги застрашуваат малите, го застрашуваат нероденото дете. А детето мора да умре, бидејќи тие не го сакаат детето - не сакаат едно дете повеќе - и детето мора да умре.

И ве молам во името на малите: спасете го нероденото дете, согледајте го присуството Господово во него!

Кога Марија ја посети Елизабета детето скокаше од радост во пазувата на мајката во моментот кога Марија дојде во куќата. Нероденчето донесе среќа. Затоа ветуваме овде да го спасиме секое неродено дете. Дајте му ја на секое дете можноста да сака и да биде сакано. Сузбивање абортус со присвојување. Со Божјата милост ќе успееме во тоа. Бог ја благослови нашата работа. Спасивме илјадници деца, тие најдоа свој дом, во кој се сакани, каде нивното присуство се посакува, каде донесоа радост.

Затоа денес од вас барам, Висости, екселенции, дами и господа, сите вие, кои сте дојдени од сите земји на светот: молете се да имаме храброст да го заштитиме неродениот живот. Овде, во Норвешка ја имаме можноста да се застапуваме за тоа.

Бог да ве благослови со благосостојба, но во многу семејства тука можеби има некој што не гладува за парче леб, кој се чувствува можеби заборавен или несакан, кому му треба љубов. Љубовта започнува дома, таму најпрво.

Никогаш нема да заборавам едно мало дете, хинду-момче на четири години. Тоа некаде слушнало: „Мајка Тереза нема шеќерче за своите деца“. Отишло дома кај своите родители и им рекло: „Три дена нема да јадам шеќер, ќе и го подарам на Мајка Тереза“. По три дена неговите родители мораа да го доведат кај мене, кога ми подари мала чашка со шеќер. Колку многу го сакав ова мало дете! Тоа сакаше до болка. Не заборавајте дека на овој свет постојат многу деца, многу жени, многу мажи, кои го немаат она што го имате Вие, и мислете на тоа, да ги сакате и нив, додека не почне да боли.

Пред некое време видов едно дете на улица, на чие лице можев да видам дека беше гладно. Не знам колку дена немало јадено ништо. Му дадов парче леб што детенцето едвај го јадеше. Му реков на детето: „Ајде, јади го лебот!“ Детето ме погледна со широко отворени очи и ми рече: „Страв ми е да го изедам лебот, бидејќи се плашам дека кога ќе го изедам ќе бидам уште гладен!“

Големината на сиромашните е реалност. Еднаш еден господин дојде кај мене и ми рече: „Онаму живее едно хинду-семејство со осум деца, кои веќе долго време гладуваат“. Земав ориз и го однесов кај нив. Нивните очи сјаеја од глад. Додека бев таму, мајката го подели оризот и излезе со една половина. Кога се врати, ја прашав што направила. Таа одговори: „Тие се исто така гладни“. Знаеше дека нивните соседи, едно муслиманско семејство беа исто така гладни. Она што најмногу ме збуни не беше тоа што им даде нешто на соседите, туку дека во своите маки и глад знаеше дека и некој друг е гладен. Имаше да подели и храброст и љубов.

Ова е тоа што го посакувам од вас: сакајте ги сиромашните, и не вртете им го грбот, бидејќи така му го вртите грбот на Бога. Тој сам стана гладен, гол, без татковина, за да ја имаме јас и вие можноста да го сакаме. Каде е Бог? Како можеме да го сакаме? Не е доволно да се каже: „Боже, те сакам!“ Го сакаме Бог на овој свет со тоа што нешто предаваме, даваме на друг. Секако дека можам сама да го изедам шеќерот, но можам и да го дадам. Можам да го дадам на возрасни, можам да го дадам на децата. Кога би давале во текот на целиот ден, во текот на целиот живот, ќе бидеме изненадени еден убав ден кога луѓето ќе делат и ќе се радуваат за тоа.

Така, се молам за вас, да ја доведете молитвата во вашето семејство. Плодот на молитвата ќе биде тоа што веруваме дека го правиме тоа за Бог. Ако навистина веруваме во тоа, ќе започнеме да сакаме, а и секако ќе се сакаме, најпрво во нашиот сопствен дом, потоа нашиот ближен сосед, па луѓето во земјата во која живееме. Да се помолиме сите на еден глас: „Боже, дај ни храброст да го заштитиме секое неродено дете.“ Бидејќи детето е најголемиот Божји подарок за семејството, за еден народ и светот.

Бог да ве благослови!

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура