X
 14.02.2025 Живот

Што велат филозофите, дали навистина треба да се сакате себеси за да најдете љубов?

Идејата дека мора да се сакате себеси за да можете да пронајдете љубов е популарна и често повторувана. Германскиот психолог Ерих Фром ја изложил оваа теза уште во 1956 година во својата книга „Уметноста на љубовта“.

Но, дали ова тврдење е вистинито?

Дали љубовта кон себеси е предуслов за љубов?

Ако под љубов кон себеси подразбираме егоцентричност и нарцизам, тогаш одговорот е категорично „не“. Филозофите што ја отфрлаат идејата за љубовта кон себеси често го прават тоа од оваа причина. На пример, британската филозофка Ирис Мардок предупредува дека љубовта треба да биде насочена кон другите, а не кон себеси.

Ова е еден пожртвуван пристап кон љубовта. Но, ако љубовта ја разбереме како најважен начин на вреднување нешто, тогаш љубовта кон себеси станува важна. Човек кој не се сака себеси нема правилна свест за својата вредност како уникатно, чувствително суштество.

Токму оваа идеја стои зад изразот дека прво треба да се сакаме себеси. Овој концепт е поткрепен од класичната филозофска традиција, особено во делата на Аристотел и Цицерон, кои велат дека вистинскиот пријател е „друго јас“ – некој што заслужува ист вид љубов што ја имаме за себеси.

На тој начин, љубовта кон себеси не е пречка, туку основа за здрави односи со другите. Но, можеби проблемот е во редоследот – дали љубовта кон себеси е предуслов за љубов или, напротив, доаѓа како резултат на тоа што сме сакани?

Љубовта кон себеси како последица, а не предуслов

Многу луѓе откриваат дека учат да се сакаат себеси токму преку искуството на љубов од другите. Ова не е нешто што може да се направи сосила или да се „научи“ преку самоволна одлука.

Младите во своите 20-ти и 30-ти често гледаат како луѓето околу нив си наоѓаат партнер/ка, додека тие остануваат на маргините. Некои никогаш немале партнер и не доживеале романтична врска. Оваа исклученост од романтичната љубов може да го поткопа чувството за сопствена вредност.

Дури ни филозофијата не може да помогне во ова. На пример, Имануел Кант во „Основи на метафизиката на моралот“ тврди дека сите ние сме автономни, рационални суштества со еднаква вредност. Но, оние што никогаш не биле сакани романтично немаат искуство што го потврдува ова тврдење.

Овие луѓе не можат едноставно да „одлучат“ да се сакаат себеси за да влезат во играта на љубовта. Наместо тоа, ним им е потребно искуството да бидат сакани и тоа од некој што и тие го ценат и почитуваат.

Искусувањето љубов како пат кон самопочитта

Повеќето луѓе добиваат некаква форма на љубов уште пред да стигнат до романтичните односи. Тоа може да биде љубовта од родителите, семејството, пријателите, па дури и од домашните миленици.

Но, на одредена возраст сите копнееме по љубов од некој што би можел да нè игнорира, но не го прави тоа. Без ваква љубов, нашето чувство за сопствена вредност може да остане недовршено.

Ова не значи дека треба постојано да бидеме во врска или дека животот мора да биде исполнет со романтични моменти. Но, важно е да се чувствуваме како некој што е достоен за љубов.

Некои луѓе се задоволни во долготрајни врски, други се среќни и со променливи љубовни искуства. Без разлика на тоа, клучно е да знаеме дека некогаш сме биле сакани и дека тоа може да се повтори.

На крајот на денот, она што навистина ни треба не е само љубов кон себеси, туку потврда дека сме луѓе достојни за љубов и тоа не во апстрактна смисла, туку преку искуството на тоа да бидеме искрено и вистински сакани.

Извор: Theconversation.com
Фото: Wikimedia Commons
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот