X
 14.05.2023 Технологија

На светот му се заканува нов вид отпад кој сите несвесно го создаваме

На светот му се закануваат предизвици со нов вид отпад - дигиталниот. Постојат големи шанси дигиталниот отпад да стане голем загадувач во следните години, иако повеќето не знаат за што станува збор.

Што е дигитален отпад?

Дигиталниот отпад е нов поим со кој се дефинираат последиците од лошото управување со дигиталните податоци. Со други зборови, тоа е отпад од податоци кој се појавува поради чување многу информации во дигитална форма. Тоа е сето она што го користиме или прикачуваме на интернет без особена причина, како непотребна електронска пошта, апликации или фотографии.

Дигитален отпад - најголем загадувач во иднина

Со зголемената дигитализација се зголемува и количеството на користени податоци. Се предвидува дека до 2025 година дигиталниот отпад ќе стане еден од најголемите загадувачи. Само 20 е-пораки дневно се еднакви на просечно 1.000 километри поминати со автомобил. Едно пребарување на „Гугл“ троши енергија како 17 секунди вклучена светилка од 60 вати.


Фото: Pixabay

Доколку се земе предвид дека 90 отсто од онлајн податоците не се користат по три месеци, може да се заклучи дека треба да се најде начин за намалување на влијанието на овој нов проблем.

Како да го намалите дигиталниот отпад?

Експертите препорачуваат да започнете со дигитална чистка во која ќе ја избришете непотребната содржина од телефоните и компјутерите. Освен тоа, се препорачува и одржување на уредите, односно да не се преземаат непотребни документи и податоци во иднина, како и воздржување од испраќање непотребни електронски пораки. Конечно, при пребарувањето поими обидете се да бидете поконкретни за да го намалите времето на пребарување.

Извор: Kreni zdravo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија