X
 14.05.2025 Живот

Како костариканскиот дипломат планирал да го убие Тито, но смртта на нарачателот Сталин го спречила атентатот

Познато е дека биле планирани многу атентати на Јосип Броз-Тито. Но, еден од потенцијалните атентатори бил вистинска верзија на советскиот Џејмс Бонд.

Планот бил да се заразат Тито и неговата придружба со бактерија од чума, а извршителот претходно да се имунизира. Бактеријата требало да се внесе во опкружувањето на Тито преку подарок кутија цигари, наполнета со смртоносен гас кој би се активирал при отворање. Атентатот требало да се изведе или во Белград или во Лондон, каде што требало да се сретнат. Планот пропаднал откако умрел Сталин. Извршителот требало да биде Теодоро Б. Кастро, костарикански дипломат и амбасадор на таа земја во Југославија. Во април 1953 година Тито го примил Теодоро Б. Кастро во Белиот двор во Белград.

Дипломатот предложил економска соработка со тоа што Костарика ќе извезува кафе и какао во Југославија, а за возврат да купува цемент и индустриски машини. Тито го сметал гостинот за симпатичен, но зад прекумерното ласкање почувствувал дека има скриена намера. Не знаел дека тој всушност е советски агент, испратен со тајна мисија да изврши атентат. Уште помалку знаел дека тој човек не бил Теодоро Б. Кастро, туку Јосиф Ромуалдович Григулевич (или Лаврецки), агент на НКВД (Народен комесаријат за внатрешни работи), кој немал никаква врска со Костарика. Роден бил во Литванија во 1913 година, но потекнувал од Крим и припаѓал на малата еврејска заедница Караими, кои зборувале, покрај јидиш, и еден од турските дијалекти.

Григулевич немал судбина да влезе во историјата како Ли Харви Освалд. Претходно веќе имал неуспешен обид за атентат врз Лав Троцки, но случајно избегнал смрт, што е типичната сталинистичка казна за таков неуспех. Тој е исклучително интересна историска фигура, предмет на истражувања на историчарите во светот. Статии за него и за инфилтрацијата на советските тајни служби се среќаваат од Унгарија до Костарика. Григулевич бил страстен комунист уште од младоста, подготвен дури и да убие за идеалот, ако му се нареди.

Пред да стане Теодоро, го користел имињата Мигел, Јузик, Фелипе, Падре, Артур, Дакс, Макс, Хосе О. Кампо, И. П. Лаврецки, И. Григориев и Максимов. Истражувањата покажуваат дека Сталин лично го наредил убиството на Тито, задача која би му ја доверил само на исклучително искусен агент.

Имал голем талент за јазици. Освен литвански, руски и полски, зборувал и шпански, португалски, француски, италијански и англиски. Во Париз го регрутирала советската тајна полиција, што му овозможило подоцна да стане соработник на НКВД и КГБ. Од 1936 година бил активен и во Шпанија, каде што го потврдува своето учество во граѓанската војна.

2
Фото: Wikimedia Commons

По наредба на Коминтерната, се вратил во Аргентина за да го прошири комунистичкото влијание меѓу полските и еврејските доселеници. Патувал низ Јужна и Централна Америка претставувајќи се како продавач на радиоуреди, електричар, осигурителен агент и новинар. Во тој период се зближил со историски личности како чилеанскиот поет Пабло Неруда, кој му помогнал по неуспешниот обид за убиство на Троцки да побегне од мексиканската полиција. Пријател бил и со мексиканскиот уметник Давид Алфаро Сикеијрос и со Фрида Кало, кои исто така биле комунисти.

Во Аргентина останал активен, а подоцна, следејќи ја професијата на татко му, отворил аптека во Ново Мексико која всушност била параван за безбедна куќа од која се планирал атентатот врз Троцки. По неуспехот, Троцки и неговата сопруга избегале, нивниот внук бил лесно повреден, а Григулевич морал повторно да ја докаже својата лојалност во времето на сталинистичките чистки, кои биле насочени кон Евреите. Еден тест било тајното комуницирање со Рудолф Абел, кој бил уште еден советски шпион.

Претворањето на Григулевич во Теодоро Бонефил Кастро било дело на националниот писател Хоакин Гутиерес, кого го запознал во Јужна Америка. Од нивното пријателство произлегла идејата за создавање нов идентитет, со цел агентот да се инфилтрира во костариканските политички и дипломатски кругови. Новата биографија го претставувала како вонбрачен син на производител на кафе, кој живеел 25 години во Чиле, Бразил и Уругвај. Се населил во Рим и почнал да работи за костариканската политичка елита, која лесно била измамена. На 4 јули 1951 година бил именуван за секретар на костариканската канцеларија во Рим. За неколку месеци бил унапреден во конзул, а потоа и во амбасадор во Италија и Југославија.

Костариканскиот весник „Ел Обсервадор“ објави дел од оваа приказна благодарение на правничката и новинарка Марјори Рос, која 10 години го истражувала случајот на советска инфилтрација во костариканската дипломатија, со една главна цел - убиство на Тито.

Шест месеци по смртта на Сталин и по откажувањето на атентатот врз Тито, Григулевич побарал отсуство за да ја придружува сопругата на лекување во Швајцарија. Оттаму никогаш не се вратил. Неговото исчезнување предизвикало многу шпекулации, а во еден момент се споменувала и мафијата. Вистината била поинаква. По смртта на Сталин, поранешниот соработник на Григулевич, Александар Орлов почнал да ја објавува „Тајната историја на злосторствата на Сталин“. Од страв дека неговиот идентитет ќе биде откриен, Григулевич бил повикан назад во Москва, што го означило крајот на неговата шпионска кариера.

Во СССР станал нов човек и му бил даден идентитет на научник Јосиф Г. Лаврецки, историчар со интерес за Католичката црква и Латинска Америка. Станал член на Советската академија на науките и уметностите, иако колегите се чуделе зошто нема никакви информации за неговиот живот пред 1940 година и зошто упорно одбивал да се фотографира. Особено било сомнително тоа што имал објавено 50 книги, па поради тоа научната заедница се сомневала дека ангажирал „тајни“ автори. Неговото вистинско лице било откриено кога во еден советски научен весник се појавила негова фотографија, која Марјори Рос ја искористила со нови технологии за да потврди дека Лаврецки и Григулевич се всушност иста личност.

Извор:
Фото:
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот