За да се поттикнат вештини за работните места во растечките сектори, средните училишта за стручно образование и обука (СОО) неодамна потпишаа Меморандум за разбирање со шест јавни институции за да се поддржи развојот на зелени вештини кај учениците преку практична настава. Новите партнерства помеѓу средните училишта за стручно образование и обука и јавните институции се резултат на соработката помеѓу УНИЦЕФ, Министерството за образование и наука и Центарот за стручно образование и обука, со финансиска поддршка од Групацијата Нелт и Шведска.
Оваа иницијатива доаѓа во прав момент бидејќи работните места за енергетски технологии, заштита на животната средна и одржливост се меѓу најбрзорастечките пазари за работни места, додека вработените што имаат зелени вештини значително ги надминуваат другите во однос на стапката на вработеност, според последниот
Извештај за иднината на работните места – Светски економски форум.
- Како што се зголемуваат еколошките предизвици, така се зголемува и потребата од стручна работна сила која е оспособена да помогне за унапредување на климатската отпорност и одржливоста. Преку продлабочено разбирање на еколошките прашања и обезбедување можности адолесцентите да развиваат практични вештини, ние ја оспособуваме следната генерација да гради одржлива и отпорна иднина - изјави Силвија Кјаручи, заменик- претставничка на УНИЦЕФ.
Според
УНИЦЕФ, невработеноста на младите во Северна Македонија изнесува 28,6 проценти и е двојно повисока од севкупната стапка на невработеност од 13 проценти. Меѓу другото, постојат диспаритети во квалификациите и иако постојат позитивни заложби да се подобри стручното образование и обука, сепак опстојува значителен јаз помеѓу вештините што се учат и побарувачката на пазарот на работни места. Новите можности за практикантство за зелени вештини имаат цел да ги премостат овие јазови преку овозможување практични искуства за учениците, правејќи ги поконкурентни и подобро подготвени за кариера во брзорастечките области.
- Учењето во училишните клупи добива вистинска вредност тогаш кога ученикот ќе излезе надвор од ѕидовите на училиштето и ќе се соочи со реалниот свет. Затоа, практичното образование – особено она што се реализира во реални услови, во институции и компании – претставува клучен сегмент во процесот на оформување квалитетен, способен и компетентен кадар - изјави Бесник Зендели, директорот на Центарот за стручно образование и обука.
- Преку соработката со УНИЦЕФ и државните институции, нашата цел е да се премостат празнините помеѓу наставата и вработувањето, и со тоа да придонесеме за одржлив развој и подобра иднина. Со инвестиција од 330.000 американски долари од Групацијата Нелт, вештините на 500 ученици од 20 училишта за стручно образование и обука ќе се зајакнат преку практична настава и практикантска работа во летниот период - вели Сашко Блажевски, извршен директор на Нелт СТ, истакнувајќи дека Групацијата Нелт силно верува дека континуираната едукација и развојот на вештини за 21 век се клучни и за општеството и за економијата.
Меѓу јавните институции што се приклучија на соработката се Управата за хидрометеоролошки работи, Сеизмолошката опсерваторија при Факултетот за природни науки, Железници Транспорт АД, ЈП за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија, Агенција за катастар и А.Д. Пошта на Северна Македонија.
Благодарение на партнерствата со Групацијата Нелт и Шведска, УНИЦЕФ го поддржува Министерството за образование и наука и Центарот за стручно образование и наука за развој на зелени наставни програми, обуки за наставниците и менторите, и олеснување на практичната настава со цел сите ученици во СОО да учат за животната средина и климата низ призмата на нивната струка.
Ќе следуваат повеќе партнерства, при што се очекува над 40 научни и јавни институции да ги отворат своите врати за учениците и да им понудат целисходно практично искуство што подобро ќе ги подготви за новите барања на пазарот на трудот.
За повеќе информации, контактирајте со
Сузи Папас Чаповска| Тел: (02) 3231-244 |
spappas@unicef.org
Ирина Ивановска | Тел: (02) 3231-172 | iivanovska@unicef.org
За Групацијата Нелт и УНИЦЕФ:
Групацијата Нелт и УНИЦЕФ имаат склучено стратешко партнерство со цел да се зајакнат децата и младите луѓе со основни компетенции за 21 век. Со оваа, досега најопсежна соработка помеѓу УНИЦЕФ и српска компанија, Групацијата Нелт обезбеди 1,3 милиони американски долари за период од три години. Тригодишното партнерство помеѓу Групацијата Нелт и УНИЦЕФ е насочено кон зајакнување на образовните системи во Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, како и во Ангола во 2026 година, каде што се наоѓаат некои од пазарите каде што работи Групацијата Нелт. Преку зајакнување на овие системи, партнерството има цел да обезбеди правичен пристап до квалитетно образование и развој на вештини за секое дете.
За УНИЦЕФ
УНИЦЕФ ги унапредува правата и добросостојбата на секое дете, во секој дел од нашата работа. Заедно со нашите партнери работиме во 190 земји и територии за да ја преточиме таквата заложба во практично дејствување, особено насочувајќи ги напорите кон најранливите и исклучени деца, во полза на сите деца, насекаде.
За повеќе информации за УНИЦЕФ и работата за децата, посетете www.unicef.mk.
Следете не на Facebook, Instagram, X, YouTube, LinkedIn, www.unicef.mk
За Групацијата Нелт
Групацијата Нелт е еден од најуспешните деловни системи во Јадранскиот Регион во областа на логистиката, дистрибуцијата и управувањето со бренд. Како меѓународна групација, групацијата има 5.500 вработени лица во 14 компании на 10 пазари во Европа и Африка. Водечката позиција и постигнатиот успех во текот на триесетгодишната работа се резултат на континуирано вложување во едукација и развој на вработените, иновација и примена на нови технологии. Инклузивна и отворена корпоративна култура се заштитен знак на компанијата.
(Комерцијална објава)