X
 14.07.2023 Живот

„Амазон“ ја тужи ЕУ: „Ние не сме многу голема интернет-платформа“

Американскиот онлајн трговец на мало е првата американска компанија која јавно се спротивстави на новата европска класификација, според која  потпаѓа под новите правила резервирани само за неколку најголеми интернет-услуги.

Овој април Европската комисија ги донесе своите први одлуки за утврдување на статусот на многу големи платформи и пребарувачи, во согласност со нејзиниот Закон за дигитални услуги. Оваа европска регулатива моментално се применува на 17 многу големи интернет-платформи (Алибаба, Алиекспрес, Амазон стор, Еплстор, Букинг, Фејсбук, Гугл плеј, Гугл мапс, Гугл шопинг, Инстаграм, Линкдин, Пинтерест, Снепчет, Тик-ток, Твитер, Википедиа, Јутјуб, Заландо и два големи интернет-пребарувачи (Бинг и Гугл срч). Според сегашната дефиниција, на листата се компании кои имаат најмалку 45 милиони активни корисници месечно, а за нив важат низа посебни правила, барања и прописи.

Спор околу дефиницијата


Меѓутоа, оваа класификација не му се допадна на американскиот онлајн трговец „Амазон“, па покрена тужба пред Генералниот суд на ЕУ. Со тужбата „Амазон“ сака да ја укине европската класификација на компанијата меѓу „многу големи интернет-платформи“. Слична тужба минатиот месец поднесе и „Заландо“, со слични мотиви. Имено, трговците посочуваат дека Законот за дигитални услуги е напишан со цел да се намали ризикот на компаниите со рекламни системи како извор на приход, што може значително да влијае врз ширењето на информациите (вклучувајќи ги и дезинформациите).

„Амазон“ верува дека не спаѓа под оваа дефиниција бидејќи најголемиот дел од нејзиниот приход доаѓа од продажба, а не од рекламирање. Од компанијата тврдат дека нивната платформа нуди стоки за продажба и не служи за ширење информации, па затоа не треба да биде опфатена со спорниот закон. Од Европската комисија велат дека ја забележале тужбата на „Амазон“ и дека се подготвени да ги бранат своите позиции на суд.

- Опсегот на Законот за дигитални услуги е многу јасен и е дефиниран да ги опфати сите платформи што ги изложуваат нивните корисници на содржина, вклучително и продажба на производи или услуги, кои може да бидат нелегални. За онлајн продавниците, како и за социјалните мрежи, широкиот досег до корисниците ги зголемува ризиците и одговорноста на платформата да се справи со нив - се вели во соопштението на Европската комисија.

Извор: Bug.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот