X
 14.08.2025 Технологија

Како се роди „Пакмен“, легендарната игра што го слави 45. роденден

Потеклото на најголемите ликови во игрите понекогаш е почудно отколку што некој би помислил. Приказната за „Пакмен“ започнала кога јапонскиот дизајнер Тору Иватани јадел пица кон крајот на 1970-тите. Откако го изел своето прво парче, сфатил дека има нешто посебно пред себе. „Ако земете едно парче пица, изгледа како да сте направиле уста“, рекол Иватани во интервју во 2010 година.

Она што го видел во кутијата за пица се претворило во идеалниот протагонист на видео играта - Пакмен, гејминг-икона која оваа година ја слави својата 45-годишнина.

Концептот што го освои светот

Концептот на играта е едноставен: контролирате жолт лик низ лавиринт полн со топки за јадење, додека избегнувате четири духови - црвениот Блинки, розовиот Пинки, синиот Инки и портокаловиот Клајд.

-Пакмен е дизајниран да ја претставува основната премиса на играта во нејзината наједноставна форма, а тоа е јадењето. Пакмен стана глобално препознатлив симбол. Секој веднаш знае што претставува, што е клучот зошто стигна до толку широка публика - вели Мичико Кумагаи, раководител на лиценцирањето за „Пакмен“.

Во Јапонија, играта првично се викаше „ПукМен“, по изразот „паку паку таберу“, што значи „јадење ненаситно со звукот на отворање и затворање на устата“. Според Гинисовата книга на рекорди, „Пакмен“ е најуспешната аркадна игра на сите времиња, а до денес франшизата генерираше повеќе од 14 милијарди долари приходи.

Клучот за успех

-„Пакмен“ беше една од пресвртниците во раѓањето на мејнстрим-видеоигрите. Нејзиниот дизајн и игра беа елегантно едноставни, што ја освои имагинацијата на многу играчи - вели Питер Ечелс, професор по научна комуникација на Универзитетот „Бат Спа“.

Едноставноста на механиката крие длабока стратегија. Во оригиналот, играчите можеа случајно да трчаат низ лавиринтот или, како многумина во 1980-тите, да користат водичи за учење, за да ја освојат играта и да научат стотици шеми на движење и оптимални рути. Таквата подготовка беше неопходна за учество на многуте турнири на „Пакмен“ низ целиот свет.

За разлика од тогаш доминантните „машки“ игри со пукање, „Пакмен“ беше достапна и за жените. Во интервју за Вашингтон пост во 2020 година, Иватани нагласил дека намерно ја дизајнирал играта за сите, особено за женската публика.

Ликовите-духови беа дизајнирани да бидат едноставни и симпатични и беа инспирирани од јапонскиот концепт ваби-саби, кој наоѓа убавина во едноставноста и минливоста. Овој јапонски естетски пристап, вели Иватани, дополнително придонесе за глобалното прифаќање на „Пакмен“.


Од игра до откривање

„Пакмен“ не само што остави свој белег врз културата, туку и врз науката. Како и „Тетрис“, играта се користи во психолошките истражувања за испитување на човековото размислување и моделите на носење одлуки. Во студија од 2007 година, Дин Мобс од Калифорнискиот институт за технологија, користел функционална магнетна резонанца за да ја набљудува мозочната активност на играчите додека биле бркани од духови и открил дека активноста значително се менувала како што се приближувала заканата.

Д-р Том Гарнер од Универзитетот „Шефилд Халам“ истакнува дека мајмуните исто така играле „Пакмен“. Студија од 2024 година од Универзитетот „Корнел“ пронајде врска помеѓу движењата на очите и одлуките на мајмуните за време на играта. Националната библиотека за медицина ја користела „Пакмен“ за да покаже дека макаки мајмуните можат да носат  хиерархиски стратешки одлуки, нешто што претходно се сметало за невозможно кај животните.

Гарнер, исто така, објаснува дека успехот на играта лежи во теоријата на отелотворување, чувството на идентификација со ликот во играта.

Иднината на играта

Повеќе од 45 години по оригиналното објавување, Пакмен добива нов изглед во играта „Шедоу Лабиринт“. Сместена во темен, научно-фантастичен лавиринт, играта прикажува лик наречен „Свордмен Бр. 8“ предводен од „Пак“, футуристичка верзија на Пакмен. Дуото може привремено да се трансформира во роботски воин по име „ГАИА“, додавајќи нов акционен елемент во играта.

Откако ќе изеде „моќна гранула“, Пакмен може да ги лови духовите што го бркале, но само за ограничено време.

Како да се остане релевантен?


Претседателот на компанијата Нао Удагава, признава дека одржувањето на свежината на Пакмен е предизвик бидејќи тој е едноставен, нечовечки лик без глас.

Сепак, таа едноставност е основа на силата на брендот. „Пакмен“ останува препознатлив меѓу генерацијата З, дури и ако не играле ниту една игра. Преку партнерство со „Криспи Крим“и „Литл Лајон Ентертејмент“, кои развиваат импресивни соби за бегство на „Пакмен“ во градови како Манчестер и Дубаи, компанијата „Бандаи Намко“ планира да го одржи ликот релевантен уште најмалку 45 години.

Удагава одбил да коментира за можноста за филм за „Пакмен“, но потврдил дека постојат планови за проширување на интелектуалната сопственост надвор од светот на игрите.

Извор: tportal.hr

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија