Сè повеќе луѓе денес живеат сами и тоа не е само личен избор, туку глобален тренд кој ја менува целата динамика: од бракот и врските до начинот на кој ја замислуваме љубовта.
Во САД, меѓу младите од 25 до 34 години, половина од мажите и 41 отсто од жените живеат без партнер, додека во повеќето богати земји бројот на слободни луѓе континуирано расте. Според пресметките на „Економист“, само во последните неколку години имаме најмалку 100 милиони повеќе самци отколку што би имало доколку трендот на склучување бракови продолжеше со старото темпо.
За некои, ова е знак на морална и општествена пропаст, а за други, доказ за самостојност и слобода.
Модниот магазин „Вог“ тврди дека за „кул“ и амбициозни жени денес не е само непотребно, туку и малку „срамно“ да имаат момче. Додека едни слават слобода, други се жалат на осаменост: истражувањата покажуваат дека 60-73 отсто од слободните луѓе сепак сакаат врска.
Но, проблемот не е само во желбата или нејзиното отсуство, туку „пазарот“ на врски стана доста комплексен.
Социјалните мрежи создаваат нереални очекувања: туѓите врски прикажани на „Инстаграм“ изгледаат совршено, додека мнозинството жени на апликации за запознавање инсистираат партнерот да биде висок најмалку 183 см, што автоматски ги одбива 85 отсто од потенцијални партнери.
Додајте ги политичките разлики и сè повеќе време поминато пред екрани, и станува јасно зошто љубовната аритметика е толку комплицирана.
Жените стануваат финансиски посамостојни, внимателно го избираат партнерот и помалку трпат несоодветни врски, што е позитивно, но значи дека просечниот маж мора да „созрее“ ако сака да биде конкурентен: да помага дома, да се едуцира, да се однесува одговорно и можеби така ќе ѝ го освои срцето на партнерката.
Падот на социјалните вештини е уште еден фактор. Луѓето поминуваат сè повеќе време пред екраните, а помалку во реално дружење. Стравовите дека жените може да бидат нападнати надвор, а мажите усрамени, дополнително ги отежнуваат средбите лице в лице.
Критериумите за партнер станаа построги. Многу жени денес не сакаат просечен маж, туку сакаат образован, финансиски стабилен и кој учествува во домашните обврски. Мажите што не ги исполнуваат овие стандарди тешко наоѓаат партнерка, а разочарувањето и презирот кон жените, особено во интернет-сферата, често се присутни.
Решението?
Едноставно: мажите треба да созреат - повеќе да помагаат дома, да бидат одговорни и така да станат посакувани партнери. Културните норми може да го забават процесот, но мотивацијата е јасна: избегнување доживотна осаменост. Многу земји веќе промовираат рамномерна поделба на домашните обврски и грижата за децата помеѓу мажите и жените.
Фото: Freepik