X
 02.04.2015 Живот

Дечињата со аутизам порачаа: Не дозволувајте да бидеме црни овчички!

Една маска меѓу сите принцези и супер-херои го привлече вниманието на овогодинешниот маскенбал по повод 1 април денот на шегата, кој се одржа на плоштадот Македонија во Скопје. Многу деца продефилираа под мотото „Скопје се смее“, а погледите застануваана петте дечиња маскирани во „овчички“. Зад маската стоеа децата со аутизам, кои сакаа да испратат порака и да укажат на нивниот третман од околината и од општеството.

 

Се претпоставува дека во Македонија има околу 10 000 деца со некои од симптомите од аутистичниот спектар, иако официјално регистрирани се само 140 случаи. Здруженијата на родители алармираат дека голем дел од овие деца секојдневно се соочуваат со предрасуди, неприфаќање, изолираност и дискриминација.

„Оваа маска го претставува она со што живееме секој ден. Сакавме да биде илустрација на животот со аутизам во Македонија и слика за тоа како нашите деца се прифатени од околината. Се надевам дека ќе влијаеме и се надевам дека ќе ја подигнеме свеста за тоа како секој поединец постапува кон овие деца“ – изјави Зоран Гиев во врска со приказната што се крие зад оваа маска.

 

Еден од податоците од истражувањето на УНИЦЕФ направено минатата година „Знаења, ставови и практики за вклучување на децата со попреченост во Македонија“ вели дека една петтина од јавноста во Македонија сè уште смета дека е неприфатливо за дете со аутизам да биде нивниот сосед или не прифаќаат нивните деца да учат во градинка или во училиште заедно со дете со аутизам, иако светската пракса вели дека прифаќањето и интеграцијата во образовaнието е најдобар механизам за напредок, социјализација и надминување на некои од пречките кај овие деца.



Незнаењето, недоволната информираност и игнорантниот однос се главни пречки во комуникацијата и развивањето на пријателство и соживот со овие деца, а недоволниот степен на едукација и соодветни обуки за наставниците во училиштата за работа со децата со посебни потреби, се дополнителни пречки што ја отежнуваат интеграцијата во образовниот процес и во општеството.

Повеќе информации за аутизмот, можете да најдете на следниве линкови:


https://www.autismspeaks.org/

http://www.autism.org/

https://www.youtube.com/watch?v=ejpWWP1HNGQ

https://www.youtube.com/watch?v=fn_9f5x0f1Q

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот