Драги родители, ретко кој наставник денес ќе одбие и по неколку пати да му објасни на вашето дете нешто што не му е јасно. Секако дека има и такви, но на ниво на статистички грешки. Поголемиот дел од наставниците сакаат да добијат повратна информација од ученикот, па макар била и негативна, па макар и да мораат да објаснуваат нешто неколку пати.
Она што најчесто се случува е учениците да не следат на час, а подоцна, и понатаму не се заинтересирани да научат, меѓутоа се срамат да кажат дека нешто не им е јасно бидејќи со тоа се сугерира дека не следеле на час. Некогаш охрабрувањето од страна на наставникот делува, за да се изјаснат по прашањето на наставната единица, но почест е одговорот преку молчење и игнорирање.
Добро би било да се ангажирате такашто ќе го охрабрувате детето да прашува кога нешто не му е јасно (што со себе го повлекува и мотивирањето да се вклучи во текот на часот) или сами да одите и да разговарате со наставникот ако детето се жали дека не го сфаќа материјалот, наместо автоматски децата да ги испратите на приватни часови. Она што го постигнувате со приватните часови, освен финансиска загубак, е дека вашето дете повеќе се исклучува на час бидејќи знае дека истото подоцна ќе му биде објаснето на приватен час.
Плаќањето на приватни часови само го охрабрува ученикот да не го следи училишниот час. Исто така, го осиромашува потенцијалот на ученикот да ги надмине проблемите во комуникацијата.