X
 15.01.2019 Наша тема

Славче Таневски ни откри како го создаде новиот „мерцедес CLA“

Имав можност да го дизајнирам CLA во Калифорнија. Тоа беше најубавиот период во мојот живот. Самата локација беше стимулирачка, но и слободата што ми беше дадена при процесот. Имено, проектот го работев самостојно, без директна супервизија од моите претпоставени, вели Таневски

Славче Таневски го дизајнира третиот автомобил за светскиот гигант „Мерцедес“, овој пат самостојно, без директна супервизија од претпоставените. По GLC Coupe и Concept EQA, минатата недела во Лас Вегас светот се запозна со новото „дете“ на Славче - CLA. За Факултети.мк, Таневски вели дека секојдневно се стекнува со нови искуства, учи нови работи и трикови.
- Освен техничка поткованост, треба да бидете и инспирирани за таа креативна енергија да излезе од вас - вели македонскиот дизајнер, кој приватно вози GLC Coupe, кое исто така сам го дизајнира.


Таневски имал посебна инспирација во Калифорнија

CLA го дизајнирал во Калифорнија, локација што особено го инспирирала

Во текот на сите овие години додека креира за „Мерцедес“ многу напредувал и кога станува збор за социјалниот аспект на професионалниот живот, менаџирање на луѓе, како и комуникација.

- Имав можност да го дизајнирам CLA во Калифорнија. Тоа беше најубавиот период во мојот живот. Самата локација беше стимулирачка, но и слободата што ми беше дадена при самиот процес. Имено, проектот го работев самостојно, без директна супервизија од моите претпоставени. Резултатот, случајно или не, го претставивме многу блиску до локацијата каде што настана дизајнот, на Consumer Electronics Show (CES) во Лас Вегас на 8 јануари годинава  - вели Таневски.


Три години работеле на новото купе

Новиот автомобил сѐ уште е единствен од тој тип во класата - четиривратно купе. Идејата на Таневски била да направи суперавтомобил.
- Тоа го постигнав со драматичните пропорции, мазните, секси и меки на изглед површини кои го прават еден од најаеродинамичните автомобили во светот. Како контраст на мускулестата скулптура се остро геометриски исечените графики, како светлата, на пример. Со моќност на сè до 400 коњски сили и кусур, АМГ варијантата наскоро ќе биде и најмоќниот компактен автомобил на светот - објаснува тој.



Од првата скица до финалниот производ за 3 години

На дизајнот работел самостојно со тим од двајца скулптори на глина, додека подоцна за целиот процес на конструирање, технички развој и производство биле вклучени неколку стотици инженери, техничари и специјалисти.
- Дизајнот, односно дефинирањето на формата траеше 3 месеци во студиото за напреден дизајн на „Мерцедес“ близу Сан Диего, додека физибилити-процесот продолжи во главниот развоен центар во Синделфинген, Германија. Од првата скица до промоцијата на финалниот производ поминаа точно 3 години.
Таневски присуствувал на промоцијата во Лас Вегас. Вели дека било возбудливо.
- Во тие моменти гледате како нешто што произлегло од вашата фантазија е реализирано и претставено пред огромна публика. Ќе биде дел од нечиј живот, носител на многу спомени за оние што ќе имаат можност да го користат возилото. Се чувствувате корисен, многу убаво чувство. Му давате нешто на светот! Првпат „Мерцедес“ имаше светска премиера на автомобил од сериско производство на Consumer Electronics Show (CES), кој не е настан за автомобили, што кажува дека светот се менува. Производителите на автомобили не се повеќе само компании што нудат тешка машинерија, туку и софтвер и услуги. Бизнисот е доста сменет во последните неколку години, пристапот на конципирање е поинвентивен. Целните групи на корисници се сменети, пристапот кон клиентите е поинаков. Сето ова придонесува за револуцијата што ја имаме во ентериерот, на пример. Целосна дигитализација, поврзаност со паметен телефон и паметен часовник - објаснува македонскиот дизајнер.



Нe ја заборава Македонија, доаѓа и по шестпати годишно

Автомобилите денеска, благодарение на технологијата и иновациите, стануваат многу повеќе отколку превозни средства. Го прашуваме Славче каква иднина им замислува, што е следно чудо?
- Веќе во новиот CLA имаме голем скок на тоа што значи интеракција со возилото. Автомобилот комуницира со возачот преку иновативниот MBUX систем со гласовни команди. Првпат еден „мерцедес“ ги позна движењата и гестикулациите на возачот и на совозачот. Токму во овој правец се развива индустријата, особено „Мерцедес“ како лидер за иновации. Се оди на понуда на доживување и олеснување при секое патување. Системите за автономно возење се развиваат на големо. Наскоро ќе имаме целосно автономни возила на кои нема да им треба возач. Секако, електрификацијата зема голем замав. Моментално се градат 6 фабрики за електровозила на три различни континенти.

Таневски во моментов живее блиску до Штутгарт. Вели дека деновите му се исполнети со работни обврски, а слободното време го користи за релаксирање и инспирација.
- Често патувам, сакам филмови, изложби или ресторани, зависи од моменталното расположение и од понудата. Се наоѓам на централно место во Европа каде што лесно ми се достапни убави места баш за таа цел. Често доаѓам и во Македонија, сигурно 6-7 пати годишно. Имам одмор од три месеци и гледам да го искористам најмногу во Македонија.

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема