X
 15.04.2022 Наука

Неверојатно откритие во Ерусалим: Одамна заборавена плоча во црквата на Светиот гроб открива стари тајни

Откриена плоча во црквата на Светиот гроб во Ерусалим, со својата орнаментика, ги навела научниците да заклучат дека дошле до важно откритие кое носи посебна симболика за христијаните.

Потпрена на ѕидот во задниот ходник на ерусалимската црква на Светиот гроб, се наоѓала камена плоча на која аџиите со векови врежувале по нешто за да остават свој белег на ова свето место за христијаните.

Но, каменот со димензии 2,5 х 1,5 м ја покажал својата вистинска важност кога неодамна во црквата била откриена нејзината друга страна.

Истражувачите веруваат дека сложените орнаменти пронајдени на досега скриениот дел од плочата укажуваат дека тоа некогаш бил предниот дел на висок олтар. Плочата стои со векови на едно од најсветите места за христијаните.

- Сега не може да се види, но гравурите првично беа исполнети со парчиња фин мермер и стакло - вели Амит Рим, археолог од Ерусалим од израелската управа за антиквитети.

- Станува збор за навистина посебен артефакт - рече Рим, кој го предводеше истражувањето заедно со Илја Берковиќ од Австриската академија на науките.

Тие идентификувале уникатен метод на украсување, кој ги комбинира класичната, византиската и раната исламска уметност и во кој фино исечените шарени мермерни плочки се користат за пополнување на кружни гравури на камен.

- Камената плоча стоеше на олтарот на црквата (Светиот гроб). Очите на верниците и аџиите беа насочени кон оваа плоча, додека свештениците служеа литургија веднаш над неа - објаснува Рим.

Слично украсени олтари биле пронајдени во римските цркви од 12 и 13 век.

Експертите веруваат дека реликвијата во Ерусалим временски соодветствува со претходните археолошки наоди и извештаи за аџии од периодот на осветувањето на црквата од страна на крстоносците и формирањето на нејзиниот главен олтар во текот на 1149 година.

Олтарот го користел католичкото свештенство за време на мисата, додека крстоносците не го напуштиле Ерусалим, вели Рим. Подоцна бил користен од Грчката православна црква додека не бил оштетен во пожар во 1808 година. До неодамнешното реновирање, камената плоча била заборавена.

Наодите биле направени од страна на израелското истражувачко друштво.

Извор: National Geogprahic
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука