X
 15.05.2017 Култура

Чех измисли јазик што е спој на сите словенски јазици

„Од својата најрана младост се занимавам со конструкцијата на јазикот“, вели лингвистот, ИТ-експерт, доктор на технологија и вљубеник во пансловенството, професорот на Технолошкиот факултет во Прага, доцент инженер Војтех Мерунка.

На 1 јуни во 2017, на Првата конференција за интерсловенски јазик тој ќе го претстави својот проект за новословенски јазик во моравското гратче Старо место кај Жлин, на чешко-словачката граница. Мерунка наведува дека негова „ѕвезда водилка“ е трудот на хрватскиот лингвист, Јурај Крижаниќ, кој исто така бил голем панславист и осмислувал „меѓусловенски јазик“.

Хрватскиот антрополог Емил Хершак, кој соработува со Мерунка и е голем заговорник на „новословенскиот јазик“, потенцира дека во географска Европа (од Португалија до Урал), околу 250 милиони од вкупното население, или 32,3 проценти од европската популација, како мајчин јазик имаат некој од словенските јазици. На второ место се романските јазици на кои говорат 31 процент од Европјаните, додека на трето место се германските јазици. Сепак, германскиот и англискиот јазик се најупотребувани странски јазици на Стариот континент, со кои се служат над 27 проценти од населението.

Хершак смета дека „новословенскиот јазик“ на Мерунка не е замислен да ги замени останатите словенски јазици, туку повеќе како компјутерски јазик заради полесна комуникација меѓу Словените. Имено, како што потенцира тој, јазик „посредник“ меѓу словенските јазици на Google Translate е англискиот, што најчесто резултира  до апсурдни и нелогични преводи.

Кога би постоел компјутерски новословенски, преведувањето од еден на друг словенски јазик би било полесно и попрецизно, што според мислењето на Хершак, би се зголемило и цитирањето на научните трудови напишани на словенските јазици.

Мерунка, пак, се огранучува исклучиво на компјутерската употребливост.

„Ова не е јазик кој би заменил или загрозил некој од постоечките словенски јазици, туку е замислен како помошник во комуникацијата меѓу Словените и познавачите на словенските јазици“, истакнува Мерунка, кој упатува дека сите информации можат да се најдат на неговиот портал www.neoslavonic.org, а адресата на здружението е www.slovane.org.Во здружението членуваат неколку илјади вљубеници во новословенскиот јазик од сите словенски земји.

Мерунка дополнително објаснува дека новословенскиот е таканаречен зонален јазик, односно јазик кој би можеле да го разберат сите Словени без учење.

„Граматиката на новословенскиот е едноставна и некој кој знае само еден словенски јазик, би можел за помалку од месец дена да го совлада новословенскиот, додека познавачот на два словенски јазици пасивно би можел да го разбере веднаш“, вели Мерунка, кој на поставените прашања одговарал на „својот“ јазик.

„Јазикот максимално го редуцирав, оставајќи ги падежите и глаголските времиња, а основата е старословенскиот јазик но и сите други словенски јазици.“

Новословенскиот јазик е „математичка средина на сите словенски јазици“, односно „модернизирана верзија на старословенскиот јазик“, напоменуваат Мерунка и Хершак. Јазикот може да користи латинично и кирилично писмо, како и глаголица, затоа што секоја буква има свој „пандан“ во другите две писма.

Меѓу другото, Мерунка сака да потенцира дека новословенскиот јазик не е политичко прашање: „Не сакам да се вмешувам во кој било словенски јазик, мојата идеја е да помогнам за полесна комуникација меѓу Словените“. Тој додава дека оваа идеја не е плод на соработка со некои политички или културни институции од која било словенска земја, но дека би сакал да биде сослушан во тие земји и на некои културни средби или други настани, освен написите и текстовите на англиски јазик да бидат преведени, макар и експериментално, и на новословенски за да се констатира дали тоа ќе го олесни меѓусебното разбирање.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура