Мојот просек е 9,98, имав само една деветка. Не беше лесно ниту да се оствари ниту да се одржува просекот. Имав многу книги за читање. Секако, тоа бара голема посветеност. Тоа не значи дека цело време седев над книга, излегував со колегите. Едноставно интересна ми беше дисциплината што ја избрав за студирање, па тоа дополнително ме мотивираше да дознам нешто повеќе, изјави Илија Вељаноски
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје секоја година им се доделуваат награди на студенти кои дипломирале со најдобар успех на прв циклус студии на факултетите на Универзитетот. Илија Вељаноски е еден од наградените студенти. Дипломирал на Филозофскиот факултет, на студиската програма – Филозофија, со просек 9,98.
- Ми претставува огромна чест и задоволство да ја примам наградата, а истовремено таа е и признание за трудот што сум го вложил во текот на студиите и многу сум благодарен за таквото признание од страна на Универзитетот во кој студирав. Во основно и средно училиште, исто така, бев одличен ученик, не бев најдобриот, но бев меѓу најдобрите - вели Илија.
Филозофијата е дисциплина што успева да ги обедини сите други науки
Основното училиште го заврши во Струга, во селото Мислешево, во подрачното основно училиште ,,Јонче Крежески“, а средното училиште во Струга, во гимназијата ,,Д-р Ибрахим Темо“.
- Уште од основно училиште историјата ми беше најомилен предмет затоа што ми беше интересно да проучувам што, каде, како и зошто се случувало и како дошло до состојбата во која сме денес и каква ќе биде идната состојба. Тоа беше исто како да слушам приказна и да се замислувам како би можела приказната понатаму да продолжи, затоа што секој крај дава можност за нов почеток. Мојата љубов кон историјата генерално траеше до втората година од средното образование кога мојот интерес стана поширок. Во тој период во мене се појавија многу пошироки и подлабоки прашања поврзани со светот во кој живееме, знаењето што мислиме дека го поседуваме и го земаме како ,,вистинито“, вредностите според кои го живееме нашиот живот, идеологијата која ја сметаме за ,,исправна“ и по која се обидуваме да го моделираме нашето однесување и живот. Тука се прашањата: Зошто има нешто, а не ништо? Како настанал светот? Како сме настанале ние? Како знаеме дека воопшто знаеме? Како знаеме дека воопшто постоиме? Како сме сигурни дека е така? Можно ли е да се има 100 % сигурност за одредено нешто? Треба ли да се има таква сигурност... И така сфатив дека историјата, сама по себе, не е доволна за да се објасни светот, се разбира, доколку воопшто може да се објасни затоа што таа, како и сите други природни и општествени науки, е ограничена на своето поле, а јас барав нешто што се однесува на сè што нè опкружува, нешто што не е ограничено и такво нешто видов во филозофијата - вели Илија.
Филозофијата е онаа дисциплина што успева да ги обедини сите други науки затоа што сите овие прашања што ги споменав се во својата суштина филозофски прашања иако се однесуваат на постоењето, знаењето, етиката, политиката, религијата, науката, уметноста, додава тој.
- Во последната година од средното училиште имав предмет Филозофија, за кој јас бев повеќе од подготвен затоа што веќе имав претходна подлога од она што сум го читал. Така решив моите студии да ги продолжам на Филозофскиот факултет во Скопје, на Институтот за филозофија. Сега пак сум студент, но на магистерски студии на студиската програма по Практичка филозофија.
Работи како професор по филозофија во струшката гимназија ,,Д-р Ибрахим Темо“
Најсилната мотивација за неговиот успех е неговата мајка.
- Секогаш кога ми беше тешко, разговарав со неа и таа успеваше со самиот разговор да ме смири и да ме мотивира додека студирав. Се разбира, таа не ми кажуваше дека морам да имам 10, туку да го положам и поминам предметот, без разлика каква оценка ќе добијам. Но ете се случи да ги имам скоро сите десетки. Мојот просек е 9,98, имав само една деветка. Не беше лесно ниту да се оствари ниту да се одржува просекот. Имав многу книги за читање. Секако, тоа бара голема посветеност. Тоа не значи дека цело време седев над книга, излегував со колегите. Едноставно интересна ми беше дисциплината што ја избрав за студирање, па тоа дополнително ме мотивираше да дознам нешто повеќе. Сите предмети ми беа интересни, како најинтересни можам да ги издвојам попрактичните предмети од филозофијата, оние дисциплини што се однесуваат на секојдневното дејствување и општествено уредување, а тоа се Етиката и Филозофијата на политиката. Токму таква тема и избрав за дипломски труд, тоа беше тема за развојот на технологијата, вештачката интелигенција, трансхуманизмот, човечкото подобрување/усовршување и трансформација - споделува Вељаноски.
Тој сега работи како професор по филозофија во струшката гимназија ,,Д-р Ибрахим Темо“ и својата иднина ја гледа во Македонија.
- Оваа професија ми е многу интересна. Морам да кажам дека имам прекрасни ученици кои се желни за знаење и расположени за дискусија по која било тема, па интересно ми е да им го пренесувам моето знаење, но и да ги поттикнам на размислување и дискусија околу предметот, но не само предметот, туку и секојдневните случувања, затоа што како што реков филозофијата се однесува на сè, па интересно ми е да ги слушам како тие размислуваат, каква позиција застапуваат и како аргументираат за неа. Истовремено сум студент на магистерски студии на студиската програма Практичка филозофија. Можам да кажам дека целите што досега ги имав зацртано ги исполнив, а сега напредувам кон новата цел, во меѓувреме ја оставам отворена можноста за нови цели во иднина, кои не мора да бидат поврзани со тоа што сум го студирал - изјавува нашиот соговорник.
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Фото: приватна архива