X
 15.07.2019 Живот

Совети за возење при високи температури и зголемена фреквенција во кампањата на РСБСП

Заморот и неговото влијание врз способноста за управување со моторно возило ќе биде посебен сегмент во кампањата за подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во летниот период во услови на висока температура и зголемена сообраќајна фреквенција, што ја најави денеска Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Во наредниот период ќе бидат реализирани голем број сообраќајно-едукативни активности и ќе се засилат контролата и санкционирањето на неодговорните учесници во сообраќајот, најавуваат од РСБСП и укажуваат дека според статистичките податоци, традиционално во летниот период двојно се зголемува бројот на сообраќајни незгоди, а со тоа двојно се зголемува и бројот на загинати и повредени во сообраќајни незгоди.

Во рамките на кампањата ќе бидат реализирани голем број активности за подигање на јавната свест за поголема безбедност на сообраќајот на патиштата преку зголемено почитување на сообраќајните правила и прописи, преку едуцирање и информирање на домашните и странските возачи за сообраќајните правила и прописи, со посебен акцент за информирање на домашните и странските возачи за законските санкции што произлегуваат од определени видови сообраќајни прекршоци. Учесниците во сообраќајот ќе бидат едуцирани и информирани и за влијанието на високите температури врз способноста за управување со возилото, неговата техничка исправност и нивното дејствување во насока на влошување на условите на патот.

- Единствено со ваков пристап кон безбедноста на патниот сообраќај, односно преку големиот број едукативни кампањи и силна и интензивна контрола на учесниците во сообраќајот во 2018 година значително беше подобрена безбедноста на патниот сообраќај, со што бројот на настрадани лица во сообраќајни незгоди е сведен на најниско ниво во последните пет години, соопшти РСБСП.

Активностите ќе се спроведуваат во соработка со Министерството за внатрешни работи, Автомото-сојузот на Македонија и СИЗ „Македонија Сообраќај- Америт“.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот