Во последниве години се зборува дека некои од најбогатите технолошки лидери, вклучувајќи го и Марк Закерберг, се подготвуваат за потенцијални апокалиптични сценарија. Тие градат подземни простори и купуваат недвижности со цели да обезбедат засолништа и резерви на храна и енергија, додека истовремено се инволвирани во развој на напредна вештачка интелигенција.
Марк Закерберг започнал со градба на својот ранч „Кулау“ на островот Кауаи во Хаваи уште во 2014 година. Комплексот, кој се протега на речиси 600 хектари, содржи и подземен простор кој би требало да обезбедува автономни ресурси на енергија и храна. Столари и електричари ангажирани на проектот потпишале договори за доверливост и не смеат да зборуваат за деталите.
Ѕидови со висина од два метра го кријат проектот од погледот од патот, а иако Закерберг истакнува дека тоа е „како мало скривалиште, како подрум“, соседите го нарекуваат „бункер“. Дополнително, тој купил 11 имоти во Кресент Парк, Пало Алто, со подземни простори кои можат да се претворат во луксузни бункери.
Кружат шпекулации и дека Рид Хофман, коосновач на „Линкдин“, зборувал за „заштита од апокалипса“. Речиси половина од супербогатите луѓе поседуваат вакви резервни локации, при што Нов Зеланд е омилена дестинација за овие домови.
Причината за ваквите подготовки е стравот од потенцијални катастрофи, како климатските промени, војни или развој на моќна вештачка интелигенција која би можела да има екстремно влијание врз човештвото.
Илија Сутскевер, коосновач на „Опен АИ“, уште во 2023 година кога го развивал „Чет-ГПТ“ изразил загриженост дека може да дојде момент кога машините ќе достигнат човечка интелигенција. Тој дури предложил да се изградат подземни скривалишта за најдобрите научници во компанијата пред да се лансира ваквата технологија.

Фото: Screenshot/YouTube
Технолошките лидери веруваат дека вештачката општа интелигенција е неизбежна и може да се појави порано отколку што мислат луѓето. Сем Алтман од „Опен АИ“ вели дека оваа интелигенција ќе дојде многу порано отколку што многумина мислат. Други експерти, како Демис Хасабис и Дарио Амодеи, предвидуваат дека тоа би можело да се случи во следните 5-10 години.
Иако вештачката интелигенција може да биде трансформативна, многу научници се скептични потенцирајќи дека сегашните модели на ВИ се далеку од човечката интелигенција и повеќе се алатки за препознавање и обработка на податоци.
Поддржувачите на вештачката интелигенција тврдат дека овие технологии ќе донесат огромни придобивки: нови лекови за смртоносни болести, решавање на климатските промени и неограничени извори на чиста енергија. Илон Маск предвидува дека суперинтелигентната АИ би можела да донесе ера на „универзално високи приходи“, каде што секој би имал најдобра медицинска нега, храна, транспорт и други ресурси.
Сепак, постојат и големи ризици, на пример, можност терористи да ја искористат технологијата како оружје, или самата ВИ да заклучи дека човештвото е закана и да се обиде да го уништи.
И покрај сè, човечкиот мозок сè уште има предност пред машините. Со 86 милијарди неврони и 600 трилиони синапси, човечката интелигенција поседува свест и способност за интроспекција, кои сè уште не можат да се реплицираат во лабораториски услови.
Технолошките милијардери можеби се подготвуваат за најлошото, но научната заедница и експертите за ВИ предупредуваат дека актуелната технологија е далеку од тоа да биде опасна за човештвото, и дека стравот често е повеќе маркетинг и паника отколку реална закана.
Извор:
Danas.rs
Фото: Screenshot/YouTube