X
 13.06.2016 Култура

На што се должи огромната популарност на Пушкин?

Во Русија на 6 јуни се одбележа раѓањето на големиот писател Александа Пушкин, а воедно ова е и Денот на рускиот јазик. Зошто секој треба да го знае овој писател и неговите дела? Што постигнал Пушкин и поради што станал олицетворение на руската литература?

 


 puskin


1. Го втемелил модерниот руски јазик


Пушкин (1799-1837) со право се смета за основач на модерниот руски јазик. Тој ги отфрли каноните на класицизмот по кои биле пишувани одите на императорите и ја надминал бариерата помеѓу високопарен литературен стил и жив разговорен јазик. Неговите дела се напишани на јазик на кој Русите и ден денес пишуваат и зборуваат.

2. Се огледувал во рекорден број на литературни жанрови

Неговата креативност е неверојатно разновидна. Пушкин пишувал и класични оди и романтични песни, љубовна и социјална поезија, романи во стихови, историски драми, реалистична проза, историја, приказни, бајки и многу други.

3. Ги воспоставил главните теми на кои пишувале подоцна писателите


Тој ги означил главните теми со кои писателите од 19-от и 20-от век се занимавале. Страдањето на малиот човек, соочувањето на извонредниот херој со општеството, мачното двоумење помеѓу личната среќа и должноста, бунтот на индивидуалецот против системот - ова се теми на кои Пушкин прв пишувал, а кои подоцна станале темел за креирање на другите големи руски писатели вклучувајќи го Достоевски, Толстој, Чехов итн.

4. Енциклопедиски го опишал животот во Русија


Едно од главните дела на Пушкин е романот во стихови „Евгениј Онегин“. Во средината на 19-от век романот бил наречен „енциклопедија за животот во Русија“ затоа што авторот темелно го опишал животот и културата во Русија.

Светската слава на ова дело придонесе за многубројни оперски, балетски и театарски верзии на „Евгенија Онегин“. Пушкин го напишал ова дело во периодот од 1823 до 1831 година. За тоа време романот се менувал и развивал, како и самиот Пушкин и целата епоха.

5. Пишувал едноставно за комплексни појави

Друга причина за популарноста на делата на Пушкин е нивната очигледна едноставност. Добрата формулација остава впечаток дека е напишана во еден здив, во момент на инспирација, но дури и површното познавање на стилот на Пушкин доволно е да се сфати колку тој се трудел околу секој стих. Тој со помош на два три зборови создавал впечатлива претстава која засекогаш останува во свеста на читателот.

6. Имал одлична смисла за хумор

После смртта на Пушкин, неговото име и дело зазедоа посебно место во руската култура, но овој писател останал запаметен како еден од најдуховитите творци. Тој имал одлична смисла за хумор и одличен стил. Имал навика да стави по некој непристоен збор во стиховите и не се воздржувал од вакви епиграми, упатени дури и на луѓе со висок ранг. Поради тоа бил предизвикуван на дуели и имал проблем со властите.

7. Ја сакал вистината

Неколку години Пушкин ги поминал во бегство поради одата „Слобода“, кадешто помеѓу останатото стои: „Самовластен злотвору,/Јас те мразам тебе и твојот трон,/И твојата смрт, смртта на децата твои/Со немилосрдност радо ќе ги гледам“. Императорот Александар I го протерал писателот најпрво на југ,  а потоа во домашен притвор на неговиот имот. Пушкин се дружел со многу револуционери кои барале устав и граѓанска слобода, а да не бил прогонуван веројатно би учествувал во востанието во 1825 година во Петербург. Тој никогаш не бил поддржувач на соборувањето на кралот од престолот, туку само ја бранел слободата и личниот простор на секој човек, и се борел против цензура. „На светот среќа нема, но има мир и слобода“ - така тој го формулирал она кон кое тежнее секој Русин.

8. Зад себе остави прекрасна љубовна поезија

Пушкин ја сакал и ја ценел женската убавина. Во негово време луѓето го сметале за Дон Жуан и претставува писател кој ги напишал можеби најубавите стихови за љубовта во руската поезија, а во неговиот роман „Евгениј Онегин“ тој го формулирал и основното правило за додворување во Русија: „Колку помалку ги сакаме жените, толку повеќе тие не' сакаат нас“.

9. Бил омилен помеѓу големите писатели

Многу писатели сметале дека Пушкин е одличен поет/писател. Достоевски во 1880 година одржал долг говор за способностите на Пушкин за пишување на песни. „Посебна и доста карактеристична црта на овој уметнички гениј која не може да се пронајде на друго место е способноста да го сплоти светот до совршенство“. Иван Тургењев, автор на романот „Татковци и деца“ исто така одржал говор во чест на поетот: „Самата суштина и сите карактеристики на неговата поезија се совпаѓаат со карактеристиките и суштината на нашата нација“.

10. Станал култен поет во Советскиот период


Во СССР од Пушкин бил создаден вистински култ. Во секој училишен кабинет за литература и во секој стан на ѕидот имало портрет од Пушкин. Во 1937 година биле организирани манифестации по повод стогодишнината од смртта на поетот, а потоа масовно прославување на 150 годишнината од неговото раѓање. Во чест на Пушкин биле пуштени во продажба цигарите „Во спомен на Пушкин“, кибритите „Пушкин“, поштенски марки, сапуни, парфеми и други предмети со неговиот лик. Пушкин тогаш станал национален симбол.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура