X
 02.11.2016 Култура

Јосиф Бродски: Како да се чита книга?


Јосиф Бродски


За да ви се развие добар вкус за книжевност, треба да читате поезија! Како највисока форма на човечкиот начин на изразување, поезијата не е само најконцизниот, туку и најкондензираниот начин на пренесување на човековото искуство.

Севкупно, книгите се помалку конечни одошто сме ние. Дури и најлошите меѓу нив ги надживуваат своите творци, главно затоа што заземаат помал физички простор од тие што ги напишале. Најчесто стојат на полиците и долго време собираат прашина, бидејќи и авторот се претворил во една шака прав. Сепак, оваа форма на иднината е подобра од сеќавањата на неколкумина живи роднини и пријатели на кои човек може да смета, и често тоа тежнеење кон постхумна димензија е предизвик за нечие творечко перо.
Затоа, кога ги вртиме и превртуваме во рацете тие правоаголни предмети во различни димензии – нема да згрешиме многу ако насетуваме дека со своите раце милуваме реални или потенцијални урни со нашата прашина. Крајно, тоа што се вложува во книгата, независно дали е роман, филозофски трактат, стихозбирка, биографија или трилер, е единствениот живот на човекот, неважно дали добар или лош, но секогаш конечен. Оној кој изјави дека филозофирањето е вежба за умирањето, бил во право, бидејќи никој не станува помлад додека пишува.

Никој не се подмладил ни со читање книги. Поради тоа, нашата природна определба треба да биде насочена на добрите книги. Но, парадоксално е тоа што во литературата, како и во сè друго, категоријата „добро“ не е автономна: се одредува преку својата различност од „лошото“. И повеќе од тоа: за да напише добра книга, писателот мора да прочита килници макулатура, инаку нема да биде способен да се стекне со неопходните критериуми. И токму тоа ја прави најдобрата одбрана на лошата литература пред Страшниот суд. Во тоа е, исто така, и raison d’etre на потфатот во кој денес учествуваме. Поради тоа што сите сме смртни и поради тоа што  читањето книги одзема многу време, мораме да смислиме систем што ќе ни овозможи нешто налик на економичност. Се разбира дека не треба да се одрекуваме од можното задоволство од нурнувањето во еден обемен, просечен роман со бавен развој на дејството. Знаеме дека на тој начин можеме да се забавуваме само до одреден степен.

Во краен случај, ние читаме не колку да читаме, туку за да научиме нешто. Оттука е потребата за концизност, кондензираност, компактност на делото што ја прикажува човековата положба во нејзината разновидност; со други зборови, оттука и потребата за најкраткиот можен пат. Одовде, исто така – како една од последиците од претпоставката дека постојат таквите најкратки патишта (а такви постојат, но подоцна ќе ги споменеме) – потребата за некаков компас сред океанот на издавачката продукција.
Улогата на таков компас, секако, ја имаат книжевната критика и рецензентите. Но, за жал, нивната показалка е произволна. Тоа што за едни е север, за другите е југ (поточно, Јужна Америка); истото се случува, но со поголема произволност, со истокот и западот. Со рецензентите постојат (минимум) три видови проблеми: а) тој може да биде занаетчија или исто неук како што сме и ние; б) може да биде исклучително пристрасен кон одреден вид на пишување или едноставно работи за одредени издавачи; в) ако е надарен, својата рецензија ќе ја претвори во уметничка форма – потврда за тоа е Хорхе Луис Борхес – а вие ќе се „фатите“ во ситуација како ги читате приказите со поголемо задоволство отколку книгите за кои се наменети.

Во секој случај, впуштете се без кормило и едра во тој океан, каде што од сите страни ќе ви шушкаат страници и ќе се задржуваат на вашиот сплав, а вие нема да бидете сосема сигурни кои да ги сочувате. Алтернативата би била развивање на сопствен вкус, пронаоѓање личен компас, запознавање со ѕвездите и соѕвездијата – бледи или сјајни, но секогаш толку далечни. Меѓутоа, тоа ѓаволски одзема многу време и може да се најдете во ситуација, како веќе стари и проседи барате излез со безвреден примерок од книга под пазувите. Друга алтернатива, или можеби дел од претходната, е потпирање врз туѓото мислење: на советот од пријателите или на некој цитат што ви „легнал“ на душата. Иако никогаш не била институционализирана (што воопшто не би било лошо), таа процедура сепак се врзува за раната младост. Но, и тоа се покажува како несигурно, бидејќи океанот од расположлива литература секогаш го зголемува и го шири, за што јасно сведочи оваа изложба на книги; таа е уште една бура во тој океан.

Па, каде е копното, макар било и пуст остров? Каде е нашиот добар Петко, да не зборувам за Чита? (...)

(...) За да се развие добар вкус во книжевноста – треба да се чита поезија! Ако мислите дека ова ви го велам заради приврзаноста кон еснафот, или заради стремежот да ги проширам интересите на својот занает – се лажете: не сум член на професионално здружение. Поентата е што поезијата, како највисока форма на човечкиот начин на изразување, не само што е најконцизен, туку е и најкондензиран начин на пренесување на човековото искуство; таа, исто така, нуди највисоки можни стандарди за која било лингвистичка операција – особено за таа на хартија.

Колку повеќе читаме поезија, стануваме нетрпеливи кон секој вид прозаичност и опширност без разлика дали е во политички или филозофски говор, во историски, општествени науки или во белетристиката. За добар прозен стил залогот се прецизноста, динамичноста и моќта на лаконскиот поетски говор. Како дете на епитафот и епиграмот, како најкраток можен пат до која било замислена тема, во огромна мера поезијата ја дисциплинира прозата. Таа не само што е вредност на секој збор, туку е и вештина за изразување на душевните состојби, алтернатива на линиската композиција, умешност за исфрлање на очигледноста (на тоа што се подразбира), деталистичка, техника на антиклимаксот.

Ве молам да не ме сфатите погрешно: немам намера да го срушам угледот на прозата. Поентата е тоа што поезијата настанала пред прозата и на тој начин опфатила поголемо временско растојание. Книжевноста почнала со поезијата, со песните на номадите кои им претходат на писанијата на старинците. Иако еднаш сум ги споредил разликите меѓу поезијата и прозата со разликите меѓу воздушните сили и пешадијата, реченицата што сега ја изговарам нема никаква врска нити со хиерархијата нити со антрополошките извори на литературата. Сè што се обидувам да направам е да бидам практичен и да ги ослободам вашите очи и мозочни ќелии од мноштвото непотребен печатен материјал.

Поезијата, може да се рече, била и е измислена со таа цел да претставува синоним за економичност. И затоа сè што треба на направиме е да го рекапитулираме, макар минијатурно, процесот што заземал место во нашата цивилизација во текот на двата милениуми.  

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура