X
 26.10.2016 Здравје

Промовиран нов лек за рак на дојка во Македонија



Нова надеж за пациентите со агресивен рак на дојка

Фармацевтската компанија Hoffmann - La Roche („Рош“) за стручната јавност го промовираше лекот со којшто се постави нов стандард во вкупното преживување на болните од т.н. HER2 позитивен рак на дојка. Онколозите и останатата стручна јавност, која работи на полето на рак во Македонија, на промотивниот настан организиран од страна на компанијата „Рош“, одблизу се запознаа со карактеристиките на оваа иновативна терапија која го носи името PERJETA (pertuzumab). Настанот се одржа под модераторство на еминентниот проф. д-р Жозеф Глигоров, онколог во болницата „Тенон“ и професор на универзитетот Сорбона во Париз, додека останатите предавачи на настанот беа специјалист онколог доктор Никола Васев од Клиниката за онкологија и радиотерапија во Скопје, и проф. д-р Петар Стефановски, онколог во Клиничка болница Битола.

Овој лек е регистриран и веќе е достапен во нашата држава, но трошокот за лекување се уште е на товар на пациентите. На настанот беше истакнато дека компанијата „Рош“ работи интензивно во соработка и партнерство со здравствените власти, како и стручната јавност, во изнаоѓање на решенија овој лек, кој претставува стандарден третман во ракот на дојка, да биде достапен и за пациентите во РМ. Пристапот до новите иновативни лекови, како што е и лекот PERJETA (pertuzumab), во едно општество овозможува подобрување на целокупниот здравствен систем, како и подолг и поквалитетен живот за болните од рак и нивна вклученост во општеството.

Лекот Perjeta (pertuzumab) е индициран во комбинација со trastuzumab и docetaxel кај возрасни пациенти со HER2 позитивен метастатски или локално рекурентен, нересектабилен рак на дојка, кои претходно за својата метастатска болест не примале анти-HER2 терапија или хемотерапија. Овој лек исто така претставува нео-адјувантен (предоперативен) третман за рак на дојка веќе одобрен за пациенти со ран стадиум на HER2 позитивен рак на дојка во Америка и уште во 20 други земји.

Специјалистот онколог д-р Никола Васев од Универзитетската клиника за онкологија и радиотерапија, за време на промотивниот настан во своето излагање нагласи дека HER2 позитивниот рак на дојка е особено агресивен тип на рак од којшто заболуваат повеќе од 100.000 жени во Европа секоја година. Кај пациентите со ран стадиум на HER2 позитивен рак на дојка клиничките студии и клиничката пракса докажаа дека Herceptin (trastuzumab) го намалува ризикот од повторно појавување на болеста за 50%. Пациентите со напреднат стадиум на болеста имаат можност за подобрено преживување од 20,3 месеци со хемотерапија, додека времето на преживување на овие пациенти во комбинација со хемотерапија и Herceptin (trastuzumab) се зголемува двојно – 40,8 месеци. Во студијата CLEOPATRA, лекот PERJETA (pertuzumab) во комбинација со Herceptin (trastuzumab) и хемотерапија, покажа уште поголемо продолжување на средното време на преживување за пациентите со оваа агресивна болест, односно вкупно 56,5 месеци, или 15,7 месеци подолго споредено со претходниот стандарден режим на лекување.

Директорот на Балканската групација на„Рош“, г. Уфук Апајдин, изјави: „Нашиот придонес за подигнување и подобрување на здравството во светски рамки секогаш е насочен кон истражување и развој на нови лекови и дијагностички тестови, со цел да обезбедиме подобар третман на пациентите. Посветивме повеќе од 30 години во истражување на улогата на HER2 протеинот. За тоа време поддржавме повеќе од 400 клинички студии во таа област, и развивме три нови иновативни лека со коишто до денес се третирани 1,9 милијарди пациенти во светски рамки. Но лековите за рак на дојка можат да им помогнат на пациентите само доколку тие имаат пристап до истите. Ние се залагаме за пристап преку соодветни и прифатливи решенија во партнерство со здравствените власти и сите чинители во здравството, да се овозможи долгорочно и одржливо подобрување во третманот на ракот на дојка и да се подобри пристапот до иновативни лекови за сите пациенти во Македонија“.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје