X
 27.10.2019 Здравје

Им ги спасила градите на илјадници жени, а веројатно не сте ни слушнале за неа

За канадската лекарка Вера Питерс, луѓето биле на прво место во медицината, во времето кога лекарите посветувале мало внимание на стравовите и тешкотиите на нивните пациенти.

- Некои лекари мислат дека се богови - ги опишала таа своите колеги во 1979 година, но нејзиното убедување било дека пациентот има повеќе права од лекарот.

Кога во 50-тите години предложила да се прават помалку инвазивни зафати на жените заболени од рак на дојка, таа била само осамен глас во професијата во која доминирале мажите. Иако можеби не сте слушнале за неа, нејзината работа имала големо влијание врз тоа како ќе се лекуваат заболените од рак во светот.

Во текот на месецот посветен на борба против рак на дојка, ве потсетуваме на приказната за оваа неопеана хероина, која секогаш ги ставала пациентите на прво место.

„Совршен хируршки зафат“

Но, прво мораме малку да се вратиме низ времето и да ја погледнеме реалноста за лекувањето на ракот пред да дојде Питерс.

Во текот на најголемиот дел од 20 век стандардното лекување на ракот на дојка, дури и за она во раните стадиуми, било исклучително болното отстранување на дојката - зафат кој се нарекува радикална мастектомија. Тој подразбирал не само вадење на самиот тумор, туку и на кожата, брадавиците, ткивата во пазувите, па дури и градните мускули.

Иако тоа значело излекување од болеста, сепак, по зафатот жените биле нагрдени, со отоци под раката и други физички проблеми.

Фото: BBC

Процена на психичките последици

Постапката ги погаѓала пациентките и психички, влијаејќи врз нивниот телесен имиџ, сексуалноста и женственоста.

Радикалната мастектомија ја изумил американскиот хирург Вилијам Холстед во последниот квартал од 19 век, а 100 години подоцна многу лекари и понатаму ја нарекувале „совршен хируршки зафат“.

- Тоа бил главен извор на приходи за хирурзите. Бил елегантен, лесен, имало многу малку компликации затоа што биле оперирани средовечни или млади жени. Но, лекарите не сфатиле колкав ефект има тоа врз жените, нивните мажи, нивните односи, нивното его. Кога операцијата ќе била завршена, а жените излекувани, тие си се враќале дома и лекарите веќе не морале да се грижат за тоа - вели Џенифер Инграм, ќерка на лекарката Питерс и лекарка од Онтарио.

Заминувале без дојки

Во тоа време пациентите, а особено жените, не одлучувале за прашањата што го засегале нивното здравје, ниту биле поттикнувани да го прават тоа. Дополнително, како што објаснува Инграм, оние што покажувале вознемиреност биле прогласувани за луди.

- Кога би имале грутка во дојката би отишле на лекар, кој би ве испратил кај хирург, кој би ви рекол дека тоа би можело да биде рак, тогаш едноставно би ви било кажано што ќе ви се случи. И тоа било тоа. Жените би дошле не знаејќи дека имаат рак, би потпишале согласност за биопсија и би заминале без дојка - истакнува лекарката.

Инграм вели дека со овој синџир на настани биле поврзани сите проблематични однесувања во медицината.

- Обично маж хирург разговарал со жените пациенти во друштво во кое доминирале мажи, кои на жените гледале како на плитки, анксиозни лица на кои треба да им се кажува што да прават - објаснува таа.

Но, тие штетни последици не останале незабележани кај Питерс, чија прва средба со ракот на дојка била во нејзиниот дом.

Фото: BBC

Фамилијарна историја на ракот на дојка


Питерс ја загубила мајка си токму од оваа болест во 1933 година, по долго и тешко боледување, а тоа оставило сериозна трага кај неа. Фамилијата живеела на млечна фарма близу Торонто, а младата и бистра Питерс средното школо го завршила на 16 години.

На Универзитетот во Торонто се запишала за да студира математика и физика, за потоа да се префрли на медицина затоа што ја интересирале луѓето, како што рекла во интервју од 1979 година за Медицинското здружение „Онтарио“.

Питерс била меѓу единствените десет жени што дипломирале како лекари во 1935 година во класа од 100.

Набрзо почнала да работи со радиологот кој ја лекувал нејзината мајка со радијација, лекарот Гордон Ричардсон во Општата болница во Торонто.

Две третини од пациентите што ги испраќале на болничкиот Радиотераписки институт биле подложени на оваа постапка, а Питерс забележала колку биле збунети пациентите по третманот.

- Сретнав многу вознемирени, обесхрабрени пациенти. Многу рано открив дека ставот на пациентите е тесно поврзан со нивното преживување. Најлесно беше да се предвиди на кои пациенти им останало најмалку - тоа беа пациенти што беа лути поради многу работи, особено во врска со операцијата. Беа бесни, очајни, осамени - истакнала таа во интервјуто.

Лекување на „неизлечивото“

Но, првото достигнување на лекарката Питерс не било во областа на ракот на дојката, туку било поврзано со Хоџкиновиот лимфом, тип хематолошки малигнитет кој потекнува од лимфоцитите. Во тоа време лимфомот се сметал за неизлечив, но искуството на лекарот Ричардс говорело поинаку. Така, тој во 1947 година ја замолил Питерс да ги прегледа неговите резултати.

Во 1950 година Питерс објавила револуционерна студија во која тврдела дека болеста може да се излекува со високи дози на радијација ако се третира на одреден начин. Таа станала славна поради тоа, но медицинскиот свет ќе почне да верува во нејзините заклучоци дури една деценија подоцна.

- Штом почнете да демонстрирате нешто што не е дел од општо прифатеното верување, наидувате на неверување - се потсетила таа во 1979 година.

Ричардс починал во 1949 година од изложеноста на радијацијата, а колегите на Питерс почнале да ѝ велат дека нема да може успешно да работи сама. Некои велеле и дека нејзиното достигнување е чиста среќа и дека би ѝ било подобро да се занимава со некоја „женска работа“, раскажува Инграм.

Доаѓале луѓе од сите страни

Во 1958 година Питерс се преселила во болницата „Принцес Маргарет“. Кај сега веќе добро познатата онколошка лекарка Питерс оделе пациенти од целата покраина Онтарио, кои, од медицински причини, не можеле да бидат подложени на радикална мастектомија и затоа биле сметани за осудени на смрт, објаснува Инграм.

Таа им ја отстранувала грутката од дојката и ги третирала радиолошки најдобро што знаела.

- И постепено се раширила приказна дека таа жена што ја познава радиолошката онкологија лекува други жени со рак на дојка и прима и други пациенти. Луѓето почнале да бараат да ги прими за мислење, дури и ако случајот не се однесувал на тоа. И постепено почнала да лекува сѐ повеќе и повеќе луѓе со нерадикална мастектомија доколку задоволувале одредени критериуми - вели нејзината ќерка.

Мислењата веќе биле поделени во однос на користа од радикалната мастектомија, а некои лекари од Европа се залагале за помалку агресивни зафати, како што е лумпектомија, зафат со кој се отстрануваат само туморот и дел од ткивото околу него.

Но, не и во Канада.

Питерс почнала да пишува на оваа тема врз основа на нејзините резултати уште во 1967 година. Потоа во 1975 година објавила голема студија во која биле анализирани 8.000 пациенти лекувани во периодот меѓу 1939 и 1969 година.

Студијата покажала дека стапката на преживување на пациентите што подлегнале на радикален хируршки зафат не е повисока отколку кај оние што биле изложени на помалку агресивно лекување. Но, и покрај резултатите, таа била дочекана со скептицизам.

Фото: BBC

Не можеле да веруваат

Инграм вели дека во 1975 година присуствувала на говор кој нејзината мајка го одржала на Кралскиот колеџ за лекари и хирурзи на Канада во Винипег.

- Просторијата беше полна со мажи во костуми, сите со вратоврски. Сите хирурзи. А на чело стоеше ситна убаво облечена жена, која не беше хирург. Сите во публиката беа во шок. Им дојде одеднаш, од за нив неочекувано поле, никогаш не стигнаа ни да помислат дека тоа не е најсовршена операција. Не можеа да веруваат. Фактот дека помалиот зафат се сметаше за поприфатлив со себе носеше разни прашања. Хирурзите едноставно не можеа да се носат со тоа - објаснува Инграм.

Таа додава дека хирурзите се здружиле и ја сатанизирале мајка ѝ на разни начини, што значело дека секој хирург што се оддалечил од општоприфатениот начин на лекување ризикувал да му биде загрозена кариерата.

Набрзо потоа лекарката Питерс дала отказ, лута и огорчена затоа што болницата размислувала да ги прифати новите клинички зафати во кои на жените арбитрарно би им се наметнувала мастектомија или лумпектомија. Таа сметала дека зафатите предизвикуваат непотребно патење за жените. Резултатите од тие испитувања ги потврдиле резултатите од нејзините истражувања, но не биле објавени сѐ до 2002 година.

Не сакала внимание

Денес делумно благодарение на работата на лекарката Питерс, радикалната мастектомија многу ретко се изведува. Но, и покрај тоа што била во право, дури во последните години од нејзиниот живот работата на оваа лекарка почнала да станува признаена.

Поради нејзината работа на Хоџкиновиот лимфом, кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век таа станала членка на Канадскиот ред, а потоа била унапредена во офицер на Канадскиот ред - признание за достигнувања во Канада од кои корист има целото човештво. Таа во 2010 година постхумно е внесена во канадската медицинска куќа на славните. Ѝ биле доделени два почесни докторати и разни медали во Канада, САД и Европа.

На Питерс во 1984 година ѝ бил дијагностициран рак на дојка и во согласност со нејзините убедувања, била подложена на лумпектомија. Но, 9 години подоцна, на 82-годишна возраст, починала од рак на белите дробови откако три месеци примала палијативна нега во болницата во која минала најголем дел од нејзината кариера - „Принцес Маргарет“.

Инграм вели дека нејзината мајка никогаш не била жена што сакала внимание, а нејзин главен двигател била желбата за ублажување на „неправдата“ поради начинот на кој им се пристапува на пациентите. А пациентите ја обожавале. И тоа било така поради нејзиниот пристап со кој сакала да ги вклучи и нив и нивните фамилии во процесот на носење на одлуките.

- За да одлучите која е најдобрата алтернатива, ви треба помош. А најдобрата помош можете да ја добиете од самиот пациент. Уважете ги стравовите на пациентите. Никој не ги познава пациентите подобро отколку што тие се познаваат себеси. Лекарот мора да го слуша пациентот, да прима сигнали од него. На крајот на краиштата, пациентот е многу поважен од лекарот - рекла таа во 1979 година.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје