X
 11.11.2016 Култура

Виолинистот Ѓорѓи Димчевски и Филхармонијата – маестрално!

Виртуозен и бескомпромисен беше настапот на македонскиот виолинист со светска кариера, Ѓорѓи Димчевски, заедно со Македонската филхармонија синоќа во Домот на армијата. Пораснат под македонското сонце, вивнат кон светските сцени, Димчевски не е често на нашите сцени и затоа приликава да го проследиме заедно со нашата филхармонија, беше повеќе од уникатна.

 

Концерт-мајсторот на Оркестарот од Валенсија во последните девет години, соработник на големите Зубин Мехт, Лорин Мзел, Пласидо Доминго, ја возбуди публиката со својата волшебна виолина, сигурен настап полн со радост, не само на сопствената изведба, ами и таа на соборците во настапот, во случајот музичарите на Филхармонијата. Кога го слушате како свири, ви се чини дека Димчевски користи четири раце. Извонредно тешката партитура на Концертот за виолина и оркестар бр.1 Д-дур оп.19 од Сергеј Прокофјев беше несекојдневно патување за публиката, која го награди со долги аплаузи.



Димчевски последен пат настапи во Македонија пред пет години, во рамките на Охридското лето.

Концертот го диригираше маестро Емил Табаков. Во вториот дел филхармоничарите ја изведоа Симфонија бр. 39 од Моцарт. Музичарите од нашиот симфониски оркестар уште еднаш покажаа дека можат да се носат рамо до рамо со светски оркестри и дека нема солист чија стамена придружба не можат да бидат.

Фото: Дарко Мораитов
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура