X
 01.12.2016 Живот

Помогнете му на вашето дете да го засака читањето

Родителите често прашуваат како да им помогнат и да ги поттикнат своите деца повеќе да читаат. Се разбира дека читањето е многу важно, особено за успехот на училиште. Според една студија, редовното читање на детето многу влијае на успесите на индивидуата дури и по 35 години подоцна. Ова се неколку препораки за родителите со кои на децата од предшколска возраст и основците ќе им помогнат во создавањето навика за читање.


1. Учете го детето да чита

Зборувајте му колку е важно да чита. Подучувајте го постојано, читајте му и вие и убедувајте го дека од читањето ќе има само позитивни резултати.

2. Учењето писменост не е поразлично од учењето други вештини

Не ви е потребен докторат за да израснете, здраво, среќно и паметно дете. Мајките и татковците постојано ги учат децата да јадат со лажичка, да велат „молам“ и „благодарам“. Сите овие работи можат да бидат научени на пријатен начин, бидејќи викањето и казните не се добра опција за воспитување. Ова се однесува и на писменоста – ако му покажете на вашето дете некоја книга и тоа не покаже интерес, отстапете, а по некое време повторно обидете се. Без притисок, без негодувања, но со упорност.

3. Зборувајте му на вашето дете

Бидејќи читањето е јазична активност, за да научите јазик и да пишувате, мора да знаете и да зборувате. Колку повеќе вашето дете ве слуша како му зборувате и тоа ќе сака да остварува комуникација со вас, па така и на полесен начин ќе го прифати читањето како јазична активност, односно и како процес на осознавање нови зборови.

4. Читајте му на вашето дете

Ова е лесен начин за да го учите вашето дете на писменост – детето ќе ве слуша и ќе го збогатува фондот на зборови. Според истражувањата, кога родителот му чита на детето, тоа има позитивно влијание врз неговиот јазик, интелигенција, а подоцна и успеси на училиште. Исто така, на ваков начин поминувате повеќе време со вашето дете.

5. Велете му на вашето дете да ви раскажува приказна

Разбудете ја неговата имагинација, барајте од него да ви раскажува приказни, натерајте го да зборува и да се изразува. Потенцирајте му одредени зборови, научете го кое е нивното значење и ќе забележите со тек на време дека детето ќе почне да ги препознава зборовите и во книгите.

6. Учете го на фонолошка свесност

Малите деца не ги слушаат гласовите во зборовите. Односно, тие мора да научат да ги слушаат фонемите. За да се случи тоа, можете да играте јазични игри со вашето дете. Кажете збор, спелувајте го, менувајте ги фонемите и слично.

7. Проучувајте ги звуците на буквите

Покажете му ги буквите на детето, нека учи да ги пишува и да ги изговара. Нека го пишува неговото име, вашето и од останатите членови на семејството. Користете и забавни и едукативни игри, за составување на букви и зборови.

8. Слушајте го вашето дете додека чита

Кога детето ќе почне да носи книги од училиште, нека ви чита од нив. Ако не звучи добро, натерајте го повторно да се обиде. Посочете му ги грешките или вие читајте му и оставете го да го следи вашиот пример.

9. Промовирајте го пишувањето

Писменоста е составена и од читање и од пишување. Поседувањето на книги е одлична работа, но потребно е да го охрабрувате вашето дете и да пишува. Секогаш имајте моливи, боички и хартија. Или пак, можете на вашето дете да му оставате мали белешки со пораки. Ќе видите дека и тоа ќе сака да ви врати на ист начин.

10. Поставувајте прашања

Кога вашето дете чита, предложете му потоа да ви го раскаже прочитаното. Ако чита приказна, прашајте го за што се работи во истата. Освен што ќе чита, на ваков начин го охрабрувате детето и да размислува и да се концентрира.

11. Читањето нека премине во рутинска активност во вашиот дом

Претворете го читањето во секојдневна активност која ќе ја реализирате во вашиот дом. Исклучете го телевизорот и одвојте одреден дел од времето за да читате, заедно со вашето дете. Повторувајте го ова се додека не премине во рутина. Направете да биде навистина забавна активност – откако ќе завршите со читањето на книга за која има филм, погледнете го филмот заедно со детето и уживајте во семејното дружење.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот