X
 16.04.2019 Наша тема

Две награди „Гласник на невидливите“ и благодарница за новинарките на Факултети.мк

Нашата определба е да се пишува за проблемите сè додека тие не се надминат, но и потоа

Милена Атанасоска-Манасиева и Весна Ивановска-Илиевска, новинарки на тимот на Факултети.мк, добија награди „Гласник на невидливите“ што вторпат ги доделува Македонската платформа против сиромаштијата.

Репортажата од студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ од Скопје, во која беше ставен фокус на загрозеното здравје на студентите, но и на вработените, беше темата со која Атанасоска-Манасиева по вторпат се закити со оваа награда, по ланската, кога признанието го доби за приказната за децата од кумановското село Бајловце.


Весна Ивановска-Илиевска, Милена Атанасоска-Манасиева и Сребра Ѓеорѓијевска

- Им благодарам на колегите од Факултети.мк. Деца.мк и „Светот на Биби“. Без добри колеги не може да се очекува успех. Се надевам дека нашите приказни нема да останат само напишани, ами дека ќе придонесеме за позитивни промени. И тие што треба да ги направат промените, треба да ги засукаат ракавите - рече Атанасоска-Манасиева на доделувањето на наградите во локалот „Амбрела“.


Наградените новинари со организаторите

Ивановска-Илиевска во серија текстови на македонската јавност ѝ ја доближи топлата приказна на наставникот Иле Михајловски од Свети Николе, кој посветено работи со дете со аутизам. На синоќешното доделување на наградите новинарката му ја врачи наградата нему.
- Нашата определба е да се пишува за проблемите сè додека тие не се надминат, но и потоа. Наградата му ја подарувам на наставникот Иле - рече Ивановска-Илиевска.


Ивановска-Илиевска со Михајловски

Видно изненаден од гестот, наставникот Михајловски истакна дека идејата е да се допре до МОН, да се работи повеќе на инклузивноста во образованието.
- Ова не треба да биде единствена приказна во Св. Николе, дај боже да има вакви приказни во секој град, во секое место каде што живее некое дете со Даунов синдром, со Аспергеров или друга попреченост - рече Михајловски.



За приказната на децата од пограничното село Долно Блаце, кои мора да учат во Косово, затоа што немаат училиште, новинарката Сребра Ѓорѓијевска од Факултети.мк доби благодарница. 

За своите приказни, награда „Гласник на невидливите“ добија и следните новинари: Мирјана Мирчевска-Јовановиќ од „Канал 5“ („Клучот на бравата е почеток на нов живот“), Александар Манасиев од дигиталниот медиум „Види вака“ („593 лица живеат без документи“), Никола Здравковиќ од емисијата „360“ („Злоупотреба при вработување на лица со хендикеп“).




Фото: Борче Поповски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема