X
 16.05.2022 Наша тема

Наставните програми се застарени, а важни аспекти од животот не се изучуваат во училиштата, смета Лука Павиќевиќ

Една од потребните промени е да се воведе граѓанско и финансиско образование. Недостаток на нашиот образовен систем е отсуството на поддршка за талентираните ученици, истакнува Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци

Лука Павиќевиќ е претседател на Сојузот на средношколци. Се кандидира за оваа позиција со цел да се вклучи и заложи за подобрување на образовниот систем, како клучен дел од животот на средношколците. Ангажирано, активно и гласно засега се залага за исполнување на замислените цели. Да се чуе гласот на средношколците, да им се обезбеди квалитетно образование.

- Уште од самиот почеток на изборната кампања, во средината на мај минатата година, јас и целиот мој тим решивме дека единствена цел во нашите две години мандат како раководство на Сојузот на средношколци ќе биде исполнувањето на седумте точки од изборната програма „Back to School”. Првиот приоритет – враќањето на учениците во училишните клупи – е веќе исполнет, а за средношколското организирање спроведуваме заедничка иницијатива со ИДУЕП, онлајн кампања со КАС и ЛЕАД, а со истите две организации ја лансиравме и наградата „најГЛАСни“. Договорено е Клубот на млади пратеници да го внесе предлог-законот за средношколско организирање во собраниска процедура - вели Лука.

Поддршка за талентираните ученици



Кои се најголемите недостатоци на средното образование со кои се соочуваат средношколците?

- Наставните програми се застарени, а мошне важни аспекти од животот воопшто не се изучуваат во училиштата. Една од потребните промени е да се воведе граѓанско и финансиско образование. Предизвиците на модерното време, како и самиот принцип на тоа што значи да се биде образован човек, т.е. граѓанин, ја наметнува потребата од ваквиот предмет. Секој 18-годишен човек мора да знае што значи да се биде активен граѓанин во едно општество. Ние мора да знаеме како функционираат државата, Уставот и политичкиот систем. Потребно е да разликуваме факт од пропаганда, да се справуваме со лажните вести и со теориите на заговор. Ова може да се постигне само преку евалуација на извори и критичко консумирање на медиумските стории. Треба да се усвојат и да им се пренесат вредностите на одговорност, волонтирање и добротворност на идните генерации. Финансиската писменост е круцијална, недозволиво е некој да заврши средно образование не знаејќи да пополни уплатница или даночна пријава. За исполнување на оваа идеја, веќе се формира тим во Сојузот, предводен од еден од нашите младински амбасадори во Скопје, Леонардо Змајшек.

Недостаток на нашиот образовен систем е отсуството на поддршка за талентираните ученици. Мора да сфатиме дека талентираните училишта произведуваат талентирани ученици. Пред некое време почна со работа Математичко-информатичката гимназија во Скопје, училиште во кое се запишуваат ученици преку строг приемен испит, наменето за најталентираните ученици во областа на природните науки (СТЕМ). Вакви училишта треба да постојат и за другите области. Во тој поглед, предлагаме да се отворат две нови гимназии за талентирани ученици во областа на јазиците (лингвистика, книжевност, филологија) и во областа на хуманистичко-општествените науки (филозофија, историја, економија). Во јазичната гимназија средношколците да можат да ги изучуваат македонскиот, јазиците од регионот, англискиот, францускиот, германскиот и италијанскиот јазик. Во хуманистичко-општествената гимназија средношколците да можат целосно да се посветат на овие науки. Да ги читаат делата на големите мислители низ историјата, да дебатираат и да истражуваат. Истиот принцип треба да важи и за области кои не се толку присутни во средното образование, како глумата и новинарството.

Бесплатен јавен превоз за средношколците



Кои се неправдите во образовниот систем за средношколците? Какви корекции се потребни за подобро образование?

- Мојот тим идентификува три клучни неправди во образовниот систем. Првата се однесува на јавниот превоз. Годината има 12 месеци, а не 9! Во ерата на климатски промени и екстремно загадените градови во земјава, јавниот транспорт е насушна потреба, особено за средношколците. Сите средношколци да добиваат целосно бесплатен јавен превоз и тој треба да важи и за време на распустот. Бидејќи активностите на средношколците не се одвиваат само на училиште, растојанието меѓу домот и училиштето и типот на училиштето не треба да бидат критериуми за бесплатниот превоз. За ова прашање имавме средба со градоначалничката на град Скопје и со Клубот на млади пратеници. Договорено е по консултација со ЗЕЛС и другите засегнати страни, Клубот да го внесе предлог-законот подготвен од Сојузот во собраниска постапка.
Исто така, неправда во образовниот систем е фактот дека психолозите во училиштата се принудени да вршат административни работи наместо да се грижат за менталното здравје на учениците. Ова е неправда и кон учениците и кон стручните служби како професионалци. Затоа предлагаме нов пристап: секој средношколец да може да закаже приватна сесија со психологот, овозможено преку Google Calendar. Ваквиот модел ќе обезбеди приватност и посветеност за личните проблеми со менталното здравје. Дополнително, пак, Сојузот работи и на решавање на проблемот со давањето оценки кои не го рефлектираат вистинското знаење на ученикот.

Сојузот на средношколци функционира во 17 града

Кое е најголемото незадоволство на средношколците?

- Според мене, тоа се јавува од нашата (точна) перцепција дека не сме слушнати од страна на институциите и одговорните. За среќа, Сојузот е тука да се бори за нашите права и интереси, но оваа борба е секојдневна и мошне тешка. За да исчезнат сите други грижи на средношколците, мора сите заедно да продолжиме да бидеме гласни, активни и да бараме промени.

Се ближи крајот на учебната година. Кој е вашиот став за државната матура?

- Иако имаме резерви околу прашањето за укинување на државната матура, Сојузот редовно разговара со матурантите кои се организираа во вајбер и фејсбук-групите. Во таа меѓусебна комуникација ние се обидуваме да изнајдеме решение кое ќе биде во интерес на сите ученици, т.е. матуранти. Сојузот смета дека целосното укинување може да биде штетно за учениците, па затоа се залагаме за менување и адаптирање на државната матура кон новонастанатите околности. Побаравме од Владата продолжување на рокот за полагање на проектната задача, елиминирање на материјалот од второто полугодие од интерните и од екстерните испити. Освен загарантираните банки со прашања за интерните, ние побаравме банки со прашања и за екстерните испити.



Што е со средношколците од внатрешноста. Запознаени ли сте со нивните проблеми? Делите ли исти ставови?

- Сојузот на средношколци функционира во 17 града во сите статистички 8 региони на Северна Република Македонија, а нашите одлуки ги носи Генералното собрание во кое членуваат младинските амбасадори од сите краеви на земјата. Свесни дека постојат и специфични проблеми за дадена локална средина, ние соработуваме и со локалните самоуправи преку нашите ограноци, заеднички средби и состаноци, локалните младински совети и локалните совети за превенција на детско престапништво.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Наша тема