Во текот на наредната деценија Илон Маск би можел да стане првиот билионер во светот. Одборот на „Тесла“ неодамна предложи пакет за надомест од 1 билион долари доколку Маск успее да исполни низа амбициозни цели за раст.
Во Австралија корпоративните плати не се на тоа ниво. Сепак, во петокот беше објавено дека извршната директорка на компанијата „Вирџин“, Џејн Хрдличка, ќе собере речиси 50 милиони долари во акции и други парични придобивки пред да си оди.
Истражувања од САД укажуваат дека луѓето мислат дека просечниот директор заработува десетпати повеќе од просечниот работник и дека би сакале таа разлика да биде двојно помала. Но, вистинската разлика во САД во последната деценија е проценета меѓу 265 и 300 пати повеќе.
Австралијците мислат дека директорите заработуваат седумпати повеќе од просечниот работник и би сакале таа бројка да биде трипати помала. Но, и тука разликата е многу поголема. Долгогодишно истражување откри дека директорите на 100. најголеми австралиски компании минатата година заработиле 55 пати повеќе од просечните работници.
Колку пари се доволни за среќа?
Ова прашање си го поставуваат луѓето илјадници години.
Старогрчкиот филозоф Аристотел ја објаснува идејата за еудаимонија - патоказ за „добро живеење“. Тој вели дека тоа повеќе им припаѓа на оние што го развиле својот карактер и ум до крајни граници и го задржале стекнувањето на материјални добра во умерени граници отколку на оние што успеале да соберат повеќе материјални добра отколку што можат да искористат, но им недостигаат душевни добра. Филозофијата на Аристотел не нè повикува целосно да се откажеме од парите или богатството, туку тврди дека тоа не треба да стане единствената цел во животот.
Истражувањата во последните децении даваат различни заклучоци за тоа колку пари се потребни за највисоко ниво на благосостојба.
Американско истражување од 2010 година сугерира дека благосостојбата го достигнува својот максимум на околу 75.000 американски долари. Со инфлацијата, оваа бројка денес би изнесувала околу 111.000 долари. Секако, треба да се земе предвид и животниот трошок во конкретната средина.
Други истражувања покажуваат дека благосостојбата може да продолжи да расте со зголемувањето на богатството, но разликата од 1 до 10 милиони долари е далеку помала од промената од сиромаштија до средна класа.
Во 2022 година беше направен експеримент со 200 луѓе од Бразил, Индонезија, Кенија, Австралија, Канада, САД и Велика Британија, на кои им беа дадени по 10.000 американски долари. Резултатите покажаа дека луѓето во земји со пониски приходи покажале трипати поголем пораст на среќата отколку оние во побогати земји, меѓу кои и Австралија. Сепак, парите донеле корист и кај домаќинства со приходи до 123.000 долари годишно.
Интересно, учесниците во експериментот им подариле повеќе од две третини од парите на семејството, пријателите, непознати лица и добротворни организации.
Важноста на времето и односите
Иистражувањата покажуваат дека материјалистичките цели заради престиж и изглед ја поткопуваат благосостојбата. Причината е што таквите стремежи често произлегуваат од ниска самодоверба или споредување со другите, а секогаш постои некој со кого можеш да се споредуваш. Дополнително, работата потребна за стекнување на богатството значи помалку време за хобија и за најблиските.
Истражување на „Харвард“, кое следело две генерации мажи и нивните деца уште од 1938 година, покажува дека длабоките и смислени односи се клучни за менталната и физичката благосостојба.
Американскиот психолог Абрахам Маслоу во 1943 година ја развил својата „хиерархија на потребите“. Таа покажува дека „самоактуализацијата“, односно достигнувањето на врвот на личниот развој, започнува со обезбедување на основните средства за храна, засолниште и можности за раст.
Така, истражувањата откриваат дека „изобилството на време“ (ослободување време преку плаќање услуги што не сакаш сам да ги правиш) и „искуственото трошење“ (на пример, излегување на вечера со најблиските, патувања) ја поттикнуваат благосостојбата преку развивање нови вештини, создавање односи и трајни спомени.
Во наш интерес е да се намали јазот во богатството
Неодамнешните податоци покажуваат дека економската нееднаквост во Австралија расте, особено погодувајќи ги младите поради недостапноста на становите. На пошироко општествено ниво, истражувања од Велика Британија укажуваат дека со растот на нееднаквоста се влошуваат социјалните исходи. Ова вклучува зголемување на криминалот, злоупотреба на дроги и алкохол, дебелина поради недостапност на здрава храна и пад на општествената доверба.
Со влошувањето на нееднаквоста доаѓа до општествени проблеми што ја загрозуваат благосостојбата на целата заедница.
Иронијата е во тоа што оние што се стремат кон екстремно богатство и најмногу профитираат од нееднаквоста не значи дека се посреќни или поисполнети поради тоа.
Извор:
Independent.co.uk
Фото: Freepik