X
 16.12.2023 Живот

Малку носталгија може да ве направи посреќни

Завршувањето на годината и почетокот на наредната е период кога се навраќате на сето она што ви се случило во претходните месеци. Дури и без да се обидувате, ви се навраќаат спомени за тоа што ви се случувало во текот на тие месеци, без разлика дали тие се во форма на фотографија или музика.

Сите овие потсетници за годината што измина може да станат трогателни точки кои ќе ве натераат да чувствувате носталгија. Но, носталгичното потсетување очигледно може да ве врати не само на изминатата година, туку и изминатите децении. Можеби ќе се запрашате што е со вашата младост и дали треба вашиот ум да залута кон вашите тинејџерски години и раните 20-ти?

Според Тонглин Џијанг и неговите колеги од Универзитетот во Пекинг, носталгијата е често искуство, но клучната карактеристика е што оваа форма на навраќање во минатото ве става вас како протагонисти во значајните настани. Автобиографската меморија е тесно поврзана со носталгијата бидејќи преку овој тип на потсетување, формулирате кохерентна приказна за вашиот живот.

Врската помеѓу автобиографската меморија и носталгијата е конкретна, велат истражувачите. Друга функција на носталгијата е тоа што ве стимулира да зачувате „биографски предмети“.

Како што гледате низ вашиот дом, дали забележувате некои од тие предмети, на пример снежна кугла што сте ја купиле заедно со вашиот партнер? Иако нема голема парична вредност и не е многу привлечен, сепак, овој предмет одвреме-навреме ќе ве врати во тоа време и ќе ве потсети на луѓето и местата околу вас, ако не и на вашата физичка и ментална состојба.

Дури и без да се обидувате, креирате онлајн приказна за вашиот живот секогаш кога споделувате фотографија или настан на социјалните мрежи. Овој процес може да биде корисен за стимулирање на наративот што го создавате во вашиот живот. Претходните истражувања што авторите ги цитираат откриваат дека носталгијата ги охрабрувала учесниците да ги документираат местата што ги посетиле на социјалните мрежи, бидејќи се чувствувале пријатно додека се потсетувале на убавите спомени додека ги гледале објавите.

Дали носталгијата навистина функционира?


Џијанг и неговите колеги тестирале модел во кој била искористена фреквенцијата на носталгичното размислување за да се предвиди онлајн документирањето.

Тие направиле едноставна корелациска студија барајќи од учесниците да пополнат мерки што ќе навлезат во секоја компонента од моделот.

Во првото истражување, учесниците известувале за нивните ставови кон објавувањето онлајн. Во второто, студијата вклучувала вистинско следење на социјалните медиуми со собирање на објавите што секој учесник ги објавил во текот на изминатата година на „Веибо“, популарна платформа во Кина.

Во двете студии наодите го поддржаа предложениот теоретски модел, во кој носталгијата предвидувала онлајн документирање, кое потоа придонесувало за благосостојба. Авторите заклучиле дека освен за забава и информации, луѓето ги користеле социјалните медиуми за да го документираат животот на интернет.

Резултатите покажале дека документирањето на периодите од нашиот живот за кои чувствуваме носталгија може да ни помогне да го поврземе нашето чувство за личен континуитет од минатото во иднината.

Извор: Psychology Today
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот