X
 07.03.2017 Живот

8. Март: Цвеќето ќе се исуши, ама ташната ќе остане!

Деновиве 8. Март ме тера да ги погледам нештата од еден друг агол. Како ја негуваме корупцијата уште од мали нозе, уште поважно, на местата кои треба да бидат основа на правилно гледање на нештата, градењето на идентитетот кај секое дете, местата каде што тие се описменуваат, каде треба да научат да размислуваат со своја глава



Како се наближува 8. Март, веќе ништо не ме потсетува на Цеткин и Луксембург, нивите големи визии за жените и нашето заслужено место во општеството, еманципацијата, рамноправноста на жените со мажите, изедначувањата на платите, податоците дека сè уште не сме изедначени на ова поле, говорите на холивидските ѕвезди на доделувањта на Оскар дека треба да бидеме изедначени, киднапирањата на повеќе од 200 млади девојки од училиште во Нигерија, најавите дека за неколку децении исламот ќе биде најдоминантната религија во светот, фактот што сè почесто гледам жени со бурки во мојот роден град Скопје... А порано ги немаше.

Деновиве 8. Март ме тера да ги погледам нештата од еден друг агол. Како ја негуваме корупцијата уште од мали нозе, уште поважно, на местата кои треба да бидат основа на правилно гледање на нештата, градењето на идентитетот кај секое дете, местата каде што тие се описменуваат, каде треба да научат да размислуваат со своја глава. И гледам колку сме ние самите коруптивни како нација, поткупливи, желни за (непотребно) внимание, уплашени да се спротивставиме на толпата иако сме свесни дека мнозинството нè води во пропаст, страхувајќи дека некој го жигоса детето, ќе го гледа попреку, дека нема да му посветува доволно внимание на часовите.

Дали е ова вистинската слика на наставниците денес?! Дали е таа жената која повеќе нема да го сака моето дете бидејќи нема да го види на списокот на деца, чии мајки се организирале на социјалните мрежи, собирале пари, купувале чанти од скај (материјал кој денес е модерно да се нарекува еко-кожа), обетки со светкави кристали чиј бренд е апсолутен врв во земјите кои со години се квалификуваат како тразнициски, а тие реално длабоко загазиле во феудализам, по некоја шминка, карминче, „римелче“ (најчесто употребуван термин за маскара за очи). И во сета таа искривена слика за поимањето на празникот на жената, самите жени/мајки коментираат дека со парите што секој поединечно ќе ги даде може „само цвеќе да се купи, а тоа ќе се исуши за три дена“ (додека „ташната“ ќе ѝ остане). И така и цвеќето стана незначителен, неважен, несакан подарок за 8. Март, празникот на жената. (Се разбира, тука секогаш ќе ги чуете коментарите дека жената треба секој ден да добива цвеќе, не само за 8. Март, од тие истите жени). Каков оксиморон?!

Ги замислувам изненадените и зачудени погледи на дечињата, што е завиткано во светкавата хартија и кој го купил подарокот за учителката? И нивната прва информција, дека треба и идната година да го сторат истото, и за десет години, и за 30 години?! Дека треба секогаш да се „подари“ нешто и на наставниците во средно училиште, на професорите на факултет, на лекарот, на шефот на работа, на директорот на училиштето... на секој од кој можеме да имаме некаков ќар. Ако решиме да го избере другиот пат, детето нема да биде „скроз одлично“, лекарот ќе одбие да ме лечи, шефот нема да ми ја зголеми заслужената плата. Едноставен систем изграден по принциот на врзани садови.

Дали од четврток учителката поинаку ќе го гледа моето прваче, ако јас решам да се изземам од овој непристоен, вулгарен начин на привлекување внимание? Но, јас нема да се согласам со параванот дека тоа е „само едно мало внимание“. И знам дека не сум единствена, дека многумина го делат моето мислење. И сакам да верувам дека учителката која го учи моето дете ќе биде строга, а добра и праведна, дека ќе го научи да зборува литературен македонски јазик, основите на математиката и покрај чудната и извртена образовна програма, дека ќе му внесе љубов кон читањето, ќе го поттикнува неговото љубопитно мозоче, дека ќе го следи во иднина и ќе биде горда на човекот во кој израснал. И нема да учествувам во групниот подарок. Син ми ќе го избере цвеќето што ќе ѝ го подари, како знак на благодарност и почит за сè што таа секој ден прави за него. Можеби звучи како Утопија, но тоа не е земјата, туку состојбата во која сакам и се стремам да живеам.

Пишува: Веда Пи

Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.
Подготвил: Веда Пи
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот