X
 06.05.2017 Технологија

„Вселенски интернет“ за секој човек на планетава


Планетата Земја на дланка
(Фото: Pixabay)

До 2019 година би требало да се појави „вселенски интернет“, односно интернет со сателитска поддршка. Според зборовите на Илон Маск, директорот на компанијата „Спејс икс“ која би го спровела овој проект, тие планираат да ја опкружат Земјата со илјадници сателити кои би им обезбедувале интернет пристап на сите луѓе на планетава.

„Компанијата планира да испрати прототип на сателит во вселената годинава, а во 2018 уште еден таков“, истакна Патриција Купер, потпретседателката за сателитски програми во „Спејс икс“.

Овие прототипови ќе демонстрираат како е можно со класично изградени сателити да се обезбеди „вселенски интернет“ за жителите на Земјата пред 2019 година, кога компанијата планира да почне со изградба на интернет мрежа во целост.

Во план им е да лансираат 4.425 сателити во орбитата на Земјата на прилично ниски височини, меѓу 1.110 и 1.325 километри. Исто така, планираат и изградба на контролен центар како и други објекти на Земјата, од каде што ќе се следи работата и функционалноста на „интернет сателитите“.

Околу Земјината орбита во моментов кружат околу 1.459 сателити, а „Спејс икс“ планира наскоро  тој број тројно да го зголеми. Од друга страна, експертите сметаат дека планот на компанијата е преамбициозен, потенцијално тежок  и опасен.

Сепак, најважно е дека на сите луѓе на планетава би можело да им се овозможи безжичен пристап до интернет. Ова е особено значајно за неразвиените и сиромашните земји кои сè уште не изградиле потребна инфраструктура за обезбедување пристап кон глобалната мрежа за своето население.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија