X
 18.09.2017 Образование

Колку дефектолози и образовни асистенти се потребни во училиштата во Македонија?

Најважно од сè е да се има на ум дека секое дете е приказна за себе. Отстапките кај сиве овие деца се со толку широк спектар, што ако на едно дете со аутизам му е потребен дефектолог да го придружува во текот на целата настава, на друго му е потребен само за да му ја подготви наставната програма. Како ќе му користи дефектолог на дете што има проблем со видот, вели мајка на дете со попреченост во развојот



Секое дете со пречки во развојот е специфично и различно и во текот на образовниот процес му е неопходна специфична поддршка. Не само дефектолози туку и лични асистенти, педагози, психолози, едукатори, медицински сестри, физикални терапевти. Суштината не е во тоа дали државата ќе вработи одреден број дефектолози, туку да има систем кој ќе функционира и кој ќе може да му излезе во пресрет на секое дете што има потреба од каква било асистенција адаптирана на неговата специфична состојба, велат оние што се најпогодени и го живеат ова секојдневие.

Оваа комплексна и толку сензитивна материја не може да се објасни во неколку реченици, ниту во неколку текста. Велиме дека секое здраво дете е приказна за себе. Ако двајца родители имаат пет деца, сите ќе бидат различни како петте прсти на раката. Кога во истиот контекст ќе ставите дете со посебни потреби, пресметајте колку повеќе ресурси му се потребни за да добие живот и образование какви што секој заслужува.

Во Македонија со години постои инклузивна настава. Го отвораме прашањето колку системот е подготвен и се труди да им излезе во пресрет на овие семејства?

Како се справуваат наставниците со инклузивната настава

Се консултиравме со родители, наставници, дефектолози, претставници на организации чие секојдневие е поврзано со децата со посебни потреби.
- Најважно од сè е да се има на ум дека секое дете е приказна за себе. Отстапките кај сиве овие деца се со толку широк спектар, што ако на едно дете со аутизам му е потребен дефектолог да го придружува во текот на целата настава, на друго му е потребен само за да му ја подготви наставната програма. Како ќе му користи дефектолог на дете што има проблем со видот? – објаснува мајка која, поради своето дете, повеќе години се занимава со овие прашања.

Како со инклузивната настава се справуваат наставниците, особено оние во пониските одделенија? Многумина од нив велат дека не се обучени да работат со деца со посебни потреби, дека не постигнуваат да го предадат зададениот материјал и дека им е неопходна помош.

На прашањето колку е потребно дефектолозите да бидат дел од редовната настава во основното и во средното образование во Република Македонија, м-р Магдалена Димкова-Велевска, дефектолог и едукатор во Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“, вели:

- Секое дете има право на образование, а основното и средното образование во нашата земја се задолжителни. Тоа значи дека секое дете има право да оди во училиште, а училиштето да му обезбеди квалитетно образование кое ќе го подготви младиот човек во иднина да биде активен граѓанин на нашата држава. Дефектолозите или специјалните едукатори треба да бидат дел од тимовите за поддршка на учениците, наставниците и родителите во оние училишта каде што е потребно, за да се поддржи образованието на учениците и да му овозможат на училиштето да одговори на потребите на ученикот. Еден од моделите за училиштата што немаат дефектолог/специјален едукатор, а им е потребен, е да се обезбеди од дефектолозите што работат во посебните училишта и посебните паралелки, од дефектолозите што работат во граѓански здруженија и слично – вели таа.

Државата ветува решение

На прашањето дали во училиштата ќе бидат вработени дефектолози, од Министерството за труд и социјална политика ни одговорија дека во последните измени на Законот за социјална заштита, усвоени од Владата и кои се во собраниска процедура, предвидена е законска основа за подготовка на програма за воведување персонална асистенција.

- Но, тоа е поврзано со вклучување на пазарот на труд и вклучување во социјалниот живот, односно прашања што се дел од ингеренциите на ова министерство. Прашањето за дефектолози во образовниот систем е во надлежност на Министерството за образование и наука – одговорија од МТСП.

Со новите реформи во образованието МОН испратило барања до училиштата за да ја направат потребната анализа, да ја скенира целата состојба во основните и во средните училишта за потребите на децата со посебни потреби.

- Така ќе ја утврдиме бројката на потребни дефектолози и образовни асистенти кои треба да се вклучат во образовниот процес и да им бидат поддршка на овие ученици. МОН сериозно го разгледува ова прашање и затоа во рамките на министерството, во соработка со граѓанските организации и другите засегнати страни, e формирана работна група која ќе работи на унапредување на условите, правата и можностите на децата со посебни образовни потреби – велат од МОН.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование