X
 22.05.2019 Образование

Петар Атанасов: Нема доволно логопеди и дефектолози во училиштата

Во земјава има недостиг на специјални кадри како логопеди, дефектолози, лица за физикална терапија… кои би се грижеле за децата со посебни потреби во училиштата за поголема примена на инклузивно образование, рече заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов на денешната трибина „Предизвици во обезбедувањето квалитетно и инклузивно образование“, во организација на Демократската обнова на Македонија.

Атанасов додаде дека тие се согласни оти децата со полесна попреченост треба да одат во редовно училиште. Законски ќе биде прецизирано да има најмногу два такви ученика во клас за да можат и наставниците да се приспособат. Тој рече дека се јавува проблем и што учениците зборуваат и по два странски јазика, а не знаат ниту збор на јазикот на другите заедници што живеат во земјава.

- Потребна е поголема комуникација затоа што во нашето општество имаме генерации деца кои не се разбираат, не го разбираат јазикот на другиот, кои растат во чисти средини каде што не го слушаат јазикот на другиот - рече Атанасов.


Фото: МИА

Густав Фридолин, поранешен министер за образование на Кралството Шведска од зелената партија, нагласи дека мораме да имаме образовано општество и младина која ќе успее да ги разбере овие факти, овие проблеми и која ќе може да дејствува.

- Од деведесеттите години и од почетокот на 2000 година има негативен пристап кон некои проблеми. Можевме да видиме дека голем број наши ученици не беа во можност да го стекнат тоа знаење, кое беше потребно за понатамошниот нивен развој, а причините се многубројни и доста драматични. Но, според ПИСА 2013, можевме да видиме дека Шведска беше една од земјите што постигнаа голем неуспех во резултатите. Јас бев тој што ја презеде иницијативата да видиме што можеме да промениме во однос на ова. А мојата иницијатива беше да им овозможиме на учениците да стекнат знаења кое ќе им користат целиот живот - рече Фридолин.

Силвана Кржовска, директорка на СУГС „Јосип Броз Тито“ – Скопје, нагласи дека светските трендови можат да се приспособат и секогаш образовниот систем како тренд треба да ги следи потребите на општеството.

- Следејќи го процесот на економскиот развој, да не се направи хиперпродукција или, пак, да го загрозиме одржливиот развој на самото општество. Во Република Македонија веќе 20 години се применува еден светски тренд на образование, тоа е паралелка со програма на меѓународна матура. Во рамките на гимназијата „Јосип Броз Тито“ веќе 22 години имаме програма која е светски образовен тренд и ние сме лидери во регионот. Таа програма е еден тренд што на некој начин се приспособи на нашите услови, дава резултати, убаво применливи, практични, дава кадри и правиме светско реноме. Тој е еден вид програма што на некој начин е збир, меѓутоа, и компатибилна или направена од повеќе светски програми. Избрано е најдоброто. Направена е една образовна програма и наставата се изведува на неколку светски јазици во зависност од државата што го практикува - рече Кржовска.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование