X
 31.01.2026 Живот

Еве колку пари ви се потребни ако сакате да патувате низ светот со брод

Ако сакате да патувате низ светот без да ја напуштите удобноста на вашиот стан - или соба, резиденцијалното крстосување е совршено решение. Брачниот пар Пол и Лин Монтоја од американската држава Вајоминг решиле да го направат токму тој чекор. Тие го продале својот пансион што го изнајмувале во САД и решиле да се сместат трајно на крстосувач за да посетат повеќе места од светот.

- Никогаш немавме време за патување. Всушност, првпат отидовме во Европа минатата година. Сега сме во шеесеттите години и би сакале да го истражиме светот - признал Пол Монтоја, кој патува со својата сопруга и ги објавува своите искуства на својот јутјуб-канал.

Тие купиле сместување со полн пансион на бродот „Вила Ви Одисеј“, кој отпловил на три и полгодишно патување околу светот во април 2025 година. Во тој период ќе посетат 147 земји, 100 тропски острови и ќе се закотват во 425 пристаништа низ целиот свет.

Трошоците за живот на брод

Тие платиле 129.000 долари за кабина на бродот - цена што им овозможува да ја поседуваат минимум 15 години. Периодот на користење може да биде подолг од 15 години, во зависност од вистинскиот животен век на бродот.

Дополнително, плаќаат месечна такса за одржување од 3.999 долари, или околу 57.000 долари годишно. Месечната такса вклучува три оброци дневно, чистење на кабината, перење алишта, брз интернет, пристап до фитнес-центар, базени, џакузи, терени за пикбол и разни друштвени собири.

Монтои проценуваат дека трошат околу 6.000 долари месечно, или околу 80.000 долари годишно, за оваа авантура. Тие би потрошиле толку пари дури и да живеат во голем американски град како Лос Анџелес или Њујорк, каде што цените на недвижностите и кириите се екстремно високи.

Можат да ја продадат кабината

-Доколку денес живеевте во Калифорнија или Њујорк, веројатно не би можеле да изнајмите стан за овие пари - признала Лин.

Во случај да мора да се вратат во САД за свадба, погреб или други обврски, можат да ја изнајмат кабината на некој друг преку „Ербиенби“. А ако им здосади животот на отворено море, можат да ја продадат кабината - на компанијата која го поседува бродот по намалена вредност, или на нов сопственик со профит.

Судејќи според нивните видеа на „Јутјуб“, тие моментално се во Океанија и уживаат. Погледнете повеќе за нивното патување во видеото подолу.

Извор: punkufer.dnevnik.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот