X
 20.11.2017 Култура

Деца од стакло



Колумна на Наталија Тасевска

Едни празни попладниња и преблаги кафиња зачинети со чад од цигара. Едни непознати цркви со пајажини на ѕвоната кои одамна не ѕвонеле за да најават нешто ново. Од таму горе високо се гледаат наведнати глави и се слушаат крици. Криците на една изгубена генерација. Деца на своите родители - децата на транзицијата. Ова е една генерација затворена под стаклено ѕвоно креирано од силициумските сфаќања на нејзините родители. Да, да тие што себеси се нарекоа деца на транзиција, нешто како деца на цвеќето, ама ептен потажни. За нивните животни неуспеси сè уште виновен е БЦ, а за нашите? Нормално Груевски.


Ние сме кршливата генерација која не знае да си преземе одговорност за сопствените постапки. Деца од стакло. Чувани, мазени и пазени. Запишани на спорт и информатика, а со шест години веќе имаме ислушано шест степени од курсот по англиски јазик. Исфорсирани да станеме чудо од дете. Одгледувани од мали да се плашиме. Да се плашиме од учителката, од професорите, од власта, од темнината, од тоа немој дрога да ни стават у пијачката (дека таа бесплатна е). Научени да се плашиме од сопствените грешки. А како ќе станеме подобри ако не грешиме? Истренирани сме да се плашиме од светот и да го плашиме светот. Научени да седиме дома во својата комфорна зона. Зашто ако надвор врне, не се излегува. Тоа е правило. Може да настинеш. Како да сме предвреме остарени. Младоста ни ја земаа уште пред да ни ја дадат. Нè запишаа на факултети кои едвај можат да си ги дозволат само за да доградиме туѓи скршени соништа. Ни напикаа дипломи во рацете, за да се перчиме со нив. А реално учевме само за колоквиум. Нè направија кревки деца од стакло кои се распукуваат од звуците на добар рокенрол, нашата класика се Цеца и Стоја. И упорно нè критикуваат, а забораваат кој нè воспитуваше. Еве ја, кршливата генерација порасна. Децата од стакло израснаа во безрбетни марионети. Децата родија деца. Стануваме родители кои учат децата да си ги одгледуваат на фејсбук-групи од типот: „Мамички и бебиња“, „Соби за доење“ и слични глупости.

Некогаш одамна на наша возраст гинеле за повисоки идеали, рушеле Берлински ѕидишта, паѓале, тунели копале, држави граделе, против Турците се бореле. Нашите Југославија со нозе и возови ја шетале, граделе патишта и пријателства. А ние? Во Сараево сте биле? Горе во Љубљана, Задар и Сплит? Или само до Белград на сплавови. И не е секогаш сè до парите. Како што реков во првата колумна од циклусов, отапени сме. Духот ни е скршен, а парите оставени на некое сепаре од ноќен клуб каде што отидовме само заради „Инстаграм“. Ние пари за театар и кино, за планинарење и крстарење немаме, ама за пиење секој викенд имаме. Понекогаш е до приоритетите, не до парите. А кои се нашите приоритети?

И редовно мислам дека сум родена на погрешно место, во погрешно време. Време на отапени генерации. Предвреме остарени. Светот се менува, а ние не? Ајде ние да бидеме богати, наместо да бараме добро ситуиран дечко. Ајде да се вљубиме, разочараме, па пак да се вљубиме и разочараме пред да го пронајдеме вистинскиот. Ајде да не учиме само за колоквиум и да ги цениме концертите и кафињата со колегите, многу повеќе од добиените десетки. Ајде воздухот да си го исчистиме. Дрвја да засадиме, за повисоки идеали да се бориме. Ајде ќе правиме уметност и наука. Ќе читаме книги, ќе гледаме серии и филмови, ќе се радуваме, ќе критикуваме, полемизираме и анализираме, ќе водиме чудни дискусии за вселената и за оној „Странецот“ на Ками. Ајде да го искалиме стаклото и во челик да го претвориме, па да станеме една генерација на силни луѓе подготвени да бидат дел од промените на светот. Зашто нели обврска на секоја генерација е да остави подобар свет за оние што доаѓаат по неа. А каков свет ќе им оставиме ние на нашите деца? Ајде соништата да си ги доградиме и наместо да бидат внуци и правнуци на транзиција, нашите идни деца нека бидат синови и ќерки на револуција.

Автор: Наталија Тасевска

Наталија Тасевска е студент на Факултетот за eлектротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје. Таа е флексибилна, креативна личност и вели дека одлично го менаџира времето. Почнала да пишува во средно училиште, а се натпреварувала на повеќе литературни конкурси.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура