X
 17.06.2021 Живот

Фотографија од затемнувањето на Сонцето совршено одговара на планираната скица на фотографот

Фотограф од Њујорк испланирал и детално скицирал фотографија од затемнувањето на Сонцето што сакал да ја направи пред настанот и успеал совршено да го реализира планот.

Џулијан Дајмонд од Њујорк е фотограф кој цел живот се интересира за метеорологијата и астрономијата.

- Можам да го фотографирам јадрото на Млечниот Пат на само 140 километри од Њујорк, подигајќи ја свеста и за убавината на ноќното небо и за заканите што ги носи лошата практика на осветлувањето - објаснува тој.

Љубовта кон вселената влијаела врз неговото креативно патување, па Дајмонд поминува доста време гледајќи ги и фотографирајќи ги небесните појави, како што се затемнувањата.

- Сум видел неколку делумни затемнувања на Сонцето во минатото, а во август 2017 година имав среќа да видам целосно затемнување. Поради тоа, се заљубив во астрофотографијата - вели тој.

1
Фото: Julian Diamond

Неговата најнова фотографија од затемнувањето на Сонцето привлече големо внимание на „Твитер“ откако ги сподели своите рачно напишани белешки и скица што ги подготвил пред да го фотографира затемнувањето.

Фотографијата е дел од долгорочен проект фокусиран на фотографирање астрономски објекти заедно со историските кули за набљудување на шумските пожари во државата Њујорк.

2
Фото: Julian Diamond

- Моите белешки се далеку од совршени или елегантни. Немав поим дека ќе ги видат 3,4 милиони луѓе. Поставувањето на моите фигури и скицирањето ми овозможија прецизност и интуиција кои ми беа потребни за успешно фотографирање - вели тој.

Првичната подготовка за фотографијата почнала рано во 2021 година кога Дајмонд утврдил дека фотографијата ќе биде дел од неговиот проект. По три патувања за пронаоѓање локација, тој нашол одлично место во еден парк. Иако Дајмонд утврдил дека нема простор за грешка, паркот имал строго работно време и не дозволувал предвремен влез. За да го реши тоа, стапил во контакт со службениците на локалната самоуправа за да добие дозвола. За среќа, тие биле запознаени со неговата работа, па му бил дозволен пристапот.

На тој начин успешно ја направил фотографијата.

Извор: Petapixel.com
Фото: Twitter/Julian Diamond
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот