X
 17.06.2026 Живот

Бојана Алексова објави нов научен труд за климатските услови: Македонија бележи сѐ повеќе суши и зголемени температури од 1991 до 2020 година

Кратовчанката Бојана Алексова повторно оствари значаен научен успех со објавувањето на истражувачкиот труд за аридноста и климатските услови во Македонија во меѓународното научно списание „Земјата“ (Earth) (импакт фактор 3,4; индексирано во „Веб од сајанс“ и „Скопус (Web of Science и Scopus)

Бојана Алексова е млад истражувач со богато академско и истражувачко искуство од областа на геонауките, климатските промени и гео и хидро-метеоролошките непогоди. Таа има завршено додипломски и магистерски студии по географија на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а во моментов е втора година на докторски студии по геонауки на Универзитетот во Нови Сад, Србија, при Факултетот за науки, на одделот за географија, туризам и хотелиерство. Најчесто работи на теми поврзани со климатската ранливост, климатските промени и природните хазарди.

Научниот труд објавен заедно со тим истражувачи во „Earth“ се базира на анализа на климатските податоци во Македонија во периодот од 1991 до 2020 година и ги разгледува просторната и временската динамика на аридноста преку податоци од 13 метеоролошки станици низ земјата. Истражувањето ја разгледува аридноста како важен показател за односот меѓу температурите, врнежите и сушните услови, со цел да се добие појасна слика за климатските разлики на национално ниво. Исто така, укажува на зголемување на температурите и изразени сушни тенденции, особено во летниот период, со најизразени ефекти во пониските и југоисточните региони.



Истражувањето помага за подобро планирање во земјоделството

Како прв и водечки автор, овој труд за Алексова има особена тежина. Истражувањето претставува прва ваква сеопфатна анализа на аридноста во Македонија, изработена врз основа на хомогенизирани метеоролошки податоци и интегриран методолошки пристап. Во услови кога ваквите истражувања за земјата досега биле ретки и фрагментарни, трудот ја поставува аридноста како значајна научна тема поврзана со сушите, климатската ранливост, земјоделството и управувањето со водните ресурси.

- Резултатите покажуваат статистички значајно затоплување во последните три децении. Во трудот е утврден температурен пресврт околу 2006 година, по што средните годишни температури се повисоки за околу 0,8 до 1,5 °C. Истовремено, индексите на аридност не покажуваат статистички значаен долгорочен тренд, што укажува дека сушните услови не се резултат само на порастот на температурите, туку и на просторната распределба на врнежите, надморската височина и локалните климатски влијанија - објаснува Бојана.

Македонија претежно се карактеризира со влажни до полувлажни услови

На годишно ниво, Македонија претежно се карактеризира со влажни до полувлажни услови, додека посувите карактеристики се поизразени во јужните и југоисточните делови од земјата. 

- Сезонските анализи покажуваат дека најголемата климатска чувствителност се јавува во летните месеци, особено во пониските и котлинските подрачја, што е важно за земјоделството, достапноста на вода и планирањето на адаптациските мерки. Во трудот се посочува и улогата на урбанизираните подрачја, особено на скопската агломерација, каде што изграденоста, сообраќајот, асфалтот, бетонот и намаленото зеленило влијаат врз локалните и микроклиматските услови. Овој ефект е поврзан со појавата на урбан топлински остров, односно состојба во која централните градски делови се потопли од периферијата. Со тоа се нагласува дека, покрај релјефот и надморската височина, сè поголема улога во обликувањето на климатските услови има и човековото влијание - споделува Бојана.



Во истражувањето се применети три различни методологии за процена на аридноста и климатските карактеристики, што овозможува проверка и споредба на добиените резултати. Анализите се реализирани со користење на ГИС-алатки и програмски решенија во Python, преку кои се извршени статистички пресметки, просторни анализи и тематско картирање на резултатите.

Истражувањето на Алексова и нејзиниот тим има значајна практична вредност бидејќи обезбедува научно поткрепени информации за навремено приспособување кон сè поизразените климатски предизвици. Добиените резултати можат да послужат како основа за подобро планирање на наводнувањето, порационално управување со водните ресурси, приспособување на земјоделското производство и креирање политики за адаптација кон суши и климатски екстреми.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот