X
 17.07.2025 Наука

Нема докази дека вакцините предизвикуваат хронични болести, покажува 24-годишно истражување

Глобално истражување што опфати повеќе од 1,2 милиони деца во период од 24 години донесе големо олеснување за родителите - нема докази дека детските вакцини предизвикуваат аутизам, астма или други хронични болести.

Истражувачите од Данска ја испитувале безбедноста на алуминиумските соли, често користена состојка во вакцините. Иако нивната безбедност веќе била научно потврдена, тие сè уште се тема на загриженост меѓу скептиците.

- Многу е важно родителите да разберат дека не внесуваме метал во телото на децата. Нашата анализа дава силен и јасен доказ дека вакцините се безбедни. Нашето истражување ги разгледува грижите и обезбедува јасни и цврсти докази за безбедноста на детските вакцини - изјави епидемиологот Андерс Хвид, главен автор на истражувањето од Институтот „Стетенс серум“.

Од 1997 до 2020 година Хвид и неговите колеги ги следеле здравствените исходи на повеќе од 1,2 милиони дански деца преку национален регистар што содржи детали за детските вакцинации, дијагнози и можни пристрасности.

Некои од децата се родени во период кога вакцини со алуминиумски соли биле помалку препорачувани, а други во време кога биле повеќе препорачувани. На крајот, изложеноста на алуминиумски соли поврзани со вакцините пред двегодишна возраст не покажала значајна врска со ниту едно од 50 хронични нарушувања, вклучувајќи 36 автоимуни, 9 алергиски и 5 невроразвојни состојби.

Отсуството на зависност помеѓу дозата на алуминиумските соли и здравјето на детето јасно укажува дека оваа состојка е безбедна за употреба.

Раната детска вакцинација со вакцини кои содржат алуминиум е документирана и анализирана во Данска од 1997 до 2020 година.

Едвард Белонгија, пензиониран епидемиолог кој со децении ја проучувал безбедноста на вакцините и не учествувал во ова истражување, вели дека ова е најголемото и најдефинитивно истражување за изложеност на деца на алуминиум поврзан со вакцините што тој ги познава. Тој додаде дека ова треба да ги отстрани сите преостанати сомнежи за можните здравствени ризици.

 

Иако некои истражувања на животни изразиле загриженост за можните невротоксични ефекти од изложеноста на алуминиумските адитиви, тие експерименти користеле високи дози во долги временски периоди. За споредба, количината на алуминиумски соли во детските вакцини е минимална и далеку под утврдените безбедносни граници.

Споредено со другите извори на алуминиум во секојдневниот живот, кои се секаде околу нас, количината на алуминиум што децата ја примаат преку вакцините е занемарлива.

Алуминиумот е неизбежен дел од нашата дневна исхрана, со траги кои се наоѓаат во растенијата, почвата, водата и воздухот. Без разлика дали сме свесни за тоа или не, типичен возрасен внесува околу 7 до 9 милиграми алуминиум дневно во различни форми.

Според некои процени, ако доенчињата ги примат сите потребни вакцини во првите шест месеци од животот, тоа ќе изнесува околу 4,4 милиграми алуминиум. Во истиот период, доенчињата хранети со мајчино млеко внесуваат околу 7 милиграми алуминиум, а оние хранети со формула приближно 38 милиграми.

Во истражување спроведено врз 85 доенчиња, концентрациите на алуминиум во крвта и косата не се зголемиле по примањето на вакцина, што укажува дека алуминиумот не се акумулира или не достигнува токсични нивоа по вакцинација.

Благодарение на имунизацијата, годишно се избегнуваат околу четири милиони смртни случаи. Вакцините не претставуваат закана за животот на децата, туку напротив, ги спасуваат.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука