X
 17.08.2018 Наша тема

Не јавувајте се на 194 за проливи, настинки и температура! Нечиј живот може да виси на конец

Додека лекарот се објаснува со неитен пациент за да појде на дежурен лекар, може да чека болен што треба да се врати во живот

Покачена телесна температура, настинки, проливи не се причина да се сврти бројот 194, освен ако некој не е во живото-загрозувачка состојба. Овие се најчестите ситуации поради кои граѓаните непотребно ја „држат“ зафатена телефонската линија на службата Итна помош. Додека лекарот се објаснува со пациентот дека мора да појде во дежурна служба, долго чека болен на кој може животот да му виси на конец. За ситуацијата да е поалармантна, службите кубурат и со вработени и со кадар, а неретко и со опрема.
Има граѓани кои читаат на интернет за да знаат што да кажат за да им дојде екипа на брза помош. Пациент вели дека прочитал кои симптоми да ги каже за градна болка за да дојдат лекарите. Вели дека повраќал многу и немало кој да го однесе на лекар.

Не одат навреме на лекар

- Најчестo непотребни повици во брзата помош се за проливи, температури, настинки. Тие состојби се за кај матичните лекари, за дежурните лекари... При покачена температура организмот премалува, пациентот е истоштен... Тој треба да пие многу течности, вода, да се одмара. Но многу пациенти го занемаруваат тоа или воопшто не знаат што треба да направат кога имаат висока температура, па многу ќе го истоштат телото. Се чувствуваат толку лошо, што мислат дека треба да интервенира екипа на брза помош – вели д-р Милица Бубало, раководител на скопската Итна помош.



Во такви ситуации, објаснува таа, лекарите се обидуваат да им објаснат на пациентите што треба да се направи, но многу често и не можат да се разберат со нив.
- Пациентот упорно кажува дека му е многу лошо, а телефонски не може да се утврди неговата состојба. Во такви случаи испраќаме наша екипа. Кога екипата ќе отиде кај таков пациент, многу често утврдува дека можел да појде на лекар во текот на денот, ако е работен ден, да се јави кај неговиот матичен, или ако е викенд - да појде во дежурна служба. Значи воопшто ситуацијата не била таква да мора амбулантното возило да оди дотаму – раскажува д-р Бубало.
Во голем дел од службите за брза помош низ Македонија недостигаат кадар, опрема и апаратура. Во некои градови исти лекари дежураат во ординации, а одат и на повици.
- Откако сум јас на раководна позиција, можам да кажам дека немаме доволно возила и стручен кадар во службата. Сега, во текот на летните одмори имаме 5-6 екипи, некогаш и седум. Кога не се во тек годишните одмори, работат седум, најмногу осум. Треба да имаме двојно поголем број екипи и возила за брза помош. Се дежура нормално, мораме и да го запазиме законот, кој вели не повеќе од 40 часа неделно – вели д-р Бубало.



Се губи време по ургентни центри

Лекарите од Итна помош неретко се соочуваат и со друг проблем кој го зголемува времето на чекање додека дојде екипа да му помогне на болниот. Имено, кога ќе однесат пациент во ургентен центар, тие мора да чекаат со него додека не дојде лекар што ќе го преземе. А за лекар некогаш се чека предолго.
- Да, тоа е делумен проблем. Некогаш имаме разбирање од колегите во тие центри, некогаш не. Имаме колеги кои сфаќаат дека и ние имаме намален капацитет, како што и тие имаат намален капацитет на персонал за работа и сфаќаат дека треба што побрзо да го преземат пациентот од нас за да може нашата екипа да одговори и на други итни повици. Но, има случаи кога не наидуваме на разбирање и не ја ослободуваат нашата екипа и по еден час, па дури и по два часа. Во меѓувреме трпат колегите од другите екипи бидејќи мора да ги преземат и да ги покријат повиците што се за екипата што е задржана во некој од ургентните центри – објаснува докторката.
Инаку, во скопска брза помош апаратурата во возилата е релативно нова, набавена е пред 5-6 години, кога беа набавени и возилата. Она што сега е потребно за да се комплетираме со опрема во возилата за работа на терен се ЕКГ-апарати.
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема