Откритието се темели врз податоци собрани од разни сонди на НАСА, но и такви кои се добиени со набљудување низ телескопите од Земјата.
Тим од јапонски научници објави дека откриле дури
15 планети кои се наоѓаат во орбита околу мала студена ѕвезда во близина на нашиот соларен систем.
Научниците од токискиот Институт за технологија, дошле до ова откритие при истражувањето на ѕвездите попознати како црвени џуџиња.
Една од најсјајните црвени џуџиња оддалечена околу 200 светлосни години од Земјата, во својата орбита има дури три планети кои би можеле да станат супер-Земји, а кои се нешто поголеми од нашата планета. Токму една од тие нови супер-Земји би можела да е населива затоа што се наоѓа во „населива зона“ и според сите индиции, би можела да има вода во течна состојба.
Планетата К2-155д (како што во моментов се нарекува супер-Земјата) би можела да има и атмосфера и состав сличен на Земјата, но научниците допрва треба да ги потврдат тие податоци.
„Во нашите симулации атмосферата и составот на планетата изгледаат слични на Земјата, но нема гаранции дека тоа навистина е така“, истакна раководителот на проектот, Терујуки Хирано.
За да потврдат дека навистина се работи за планета каде потенцијално е можен живот, научниците ќе мораат да добијат точни мерења од температурата и составот на атмосферата.
Тие се надеваат дека натамошните истражувања би можеле да понудат одговори на тие прашања и да покажат дека во вселената постојат уште планети на кои е можен живот како нашиот.