X
 18.05.2018 Култура

Нова библиотека во Археолошки, нова поставка во Музејот во Струмица

Во рамките на одбележувањето на 18 Мај, Меѓународниот ден на музеите, сите музејски институции во земјава деновиве го одбележуваат својот празник на поинаков начин – изложби, промоции, предавања, бесплатни тури низ поставките


Нова специјализирана библиотека и нова музејска поставка ќе добие денеска нашата публика во рамките на одбележувањето на 18 Мај, Меѓународниот ден на музеите. Сите музејски институции во земјава деновиве го одбележуваат својот празник на поинаков начин – изложби, промоции, предавања, бесплатни тури низ поставките.


Археолошкиот музеј ќе ја промовира новата библиотека

Денеска на пладне две институции во земјава се издвојуваат по својата програма. Заводот за заштита на спомениците и Музеј во Струмица ја отвора новата музејска поставка, а Археолошкиот музеј на Македонија ќе ги промовира новите простории на библиотеката.

6.000 книги, 20.000 стручни и научни трудови

Во новите библиотечни простории на Археолошкиот музеј се сместени околу 6.000 книги и повеќе од 20.000 стручни и научни трудови од домашни и од странски автори. Ова е најстарата и најголемата специјализирана археолошка библиотека во земјава.
Библиотечниот фонд е создаван 57 години, откако е формирана првата библиотека при Археолошкиот музеј во 1961 година. Најголем дел од изданијата се собрани помеѓу 1977 и 2010 година кога библиотека беше во состав на библиотеката на Музејот на Македонија во Скопје. Меѓу многубројните книги се и многу ретки изданија, објавувани од почетокот на 20 век. Најстарото потекнува од 1881 година.


Најстарата и најголема специјализирана библиотека во земјава Фото: Pixabay

- Децениската пауза во работата на библиотеката сериозно се одрази врз обновата на фондот и меѓубиблиотечната размена. Благодарение на несебичниот придонес на музеите во земјава и со лични донации од нашите колеги, проблемот ќе биде надминат. А библиотеката на Археолошкиот музеј ќе продолжи да биде јадрото на податоци за многу идни истражувања и генерации истражувачи – велат од Музејот.

Во чаршија „Ноќ на музеите“

„Струмица и Струмичко низ историјата“ е насловот на изложбата што денеска во 12 часот ќе биде отворена во струмичкиот музеј.
Во Mузејот на Македонија во Старата скопска чаршија денеска влезот ќе биде бесплатен. Секој посетител денеска ќе добие и подарок – книга. Заедно со илјадници други институции во светот, Музејот на Македонија утревечер ќе се вклучи во манифестацијата „Ноќ на музеите“. Така, во 21 часот ќе биде одржан концерт на групата Next to Silence. Музејот ќе биде отворен до 1 часот по полноќ. Влезот ќе биде бесплатен, а посетителите ќе имаат можност, покрај постојаните музејски поставки, да ја погледнат и изложбата „Македонска наивна уметност“ на Васко Ристовски.


Едукативна тура низ Скопје

Во рамките на Денот на музеите, Центарот за научни истражувања и промоција на културата „Хаемус“ в недела организира едукативна тура „Палатите на старо Скопје“. Целта на турата низ центарот на Скопје е да се промовира и популаризира богатото архитектонско наследство што оставило трага во архитектурата и уметноста на главниот град.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура