X
 18.06.2025 Живот

Хрватска повторно воведе задолжителен воен рок: Кои други земји размислуваат за тоа?

Хрватска се подготвува за повторно воведување на задолжителниот воен рок, речиси две децении по неговото укинување во 2008 година. Овој потег, мотивиран од безбедносните предизвици во Европа, особено војната во Украина, ја става Хрватска во редот на земјите што ги зајакнуваат своите одбранбени капацитети.

Според моменталните планови, обуката треба да трае два месеца, а регрутите ќе добиваат месечен надоместок од околу 1.100 евра, со обезбедено сместување и храна. Се планира годишно да се обучат меѓу 4.000 и 4.500 млади, распределени во четири до пет регрутациски групи. Вкупните годишни трошоци се проценуваат на околу 20 милиони евра.

Каква е ситуацијата во регионот?

Додека Хрватска ги дефинира последните елементи од новиот систем, слични дебати за повторно активирање на задолжителниот воен рок се водат и во земјите од регионот и низ Европа. Во Србија, исто така, се враќа задолжителниот воен рок, кој треба да почне во септември оваа година. Од друга страна, Словенија, Босна и Херцеговина и Црна Гора не размислуваат за повторно воведување на оваа обврска.

Времето минато во воена служба ќе се пресметува како работен стаж, а предност при вработување во јавниот и државниот сектор ќе имаат оние што ја завршиле воената обврска.

За лицата што ќе се повикаат на приговор на совеста, понудени се две алтернативи. Првата подразбира ангажман во системот за цивилна заштита во времетраење од три месеци. Во овој период регрутите ќе се подготвуваат за реагирање во итни случаи како пожари, поплави или земјотреси.

Оваа форма на служба ќе биде пониско платена и ќе изнесува околу 250 евра месечно. Втората опција е четиримесечно ангажирање во локалната самоуправа, каде што учесниците ќе извршуваат задачи како расчистување канали, косење трева и други слични активности. Сè уште не се знае дали овој вид ангажман ќе се признава како работно искуство.

Извор: Vecernji.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот