Факултетот го заврши во рекордно време со просек 9,58 и веќе е запишана на постдипломски студии и ангажирана како демонстратор на Градежниот факултет.
Беса Исмаили беше наградена од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје како најдобро дипломиран студент на Градежниот факултет во академската 2023/2024 година. Моментот кога беше прогласена за најдобра во генерацијата ѝ бил најсреќниот момент од студирањето.
- Тоа не беше само признание, туку доказ дека секоја непроспиена ноќ, секој испит и секоја лична дилема навистина се вреднуваа. Да ја споделам таа чест со моето семејство, беше чувство што ме исполни со благодарност и длабока свест дека трудот секогаш го наоѓа својот пат до препознавање - вели Исмаили.
Градежништвото нема пол, тоа е професија за оние што критички размислуваат
Избрала да студира градежништво сфаќајќи го како совршен спој на логика, наука и опиплива креација. Сака да биде дел од оние градежни инженери што создаваат градби што ќе останат, ќе бидат функционални и ќе ја задржат својата вредност по многу години.
Во нејзината генерација имало повеќе девојки отколку момчиња. Беса вели дека тоа не било случајност, туку јасно го докажале она што одамна требало да биде прифатено - дека градежништвото нема пол.
-Не е ни машка ни женска професија – туку професија за оние што размислуваат критички, решаваат проблеми и сакаат да остават зад себе нешто опипливо и вредно. Присуството на жените во оваа област не е тренд, туку ново и заслужено „нормално“ - вели Исмаили.
Градежништвото не се учи напамет, туку со логика
Да се студира на Градежен факултет не било лесно. Студиите барале истрајност, дисциплина и вистинска посветеност. Како предности ги издвојува применливоста на знаењата, логичноста на предметите и чувството на исполнетост кога решавала реален проблем. Како недостатоци: обемниот материјал и темпото кое понекогаш не оставало простор за одмор. Но, лесно не се постигнува просек 9,58 и завршени студии во рекордно време.
- Она што беше клучно за овој резултат не беше само учењето, туку љубопитноста. Секогаш ми беше важно тоа што го учам да има смисла за мене, да можам да им го објаснам на другите, да знам каде се применува и зошто е важно. Учењето го поврзував со одговорност – бидејќи како идни инженери, нашите одлуки директно влијаат врз безбедноста и квалитетот на живеењето. Градежништвото не се учи напамет, се учи со логика, систематичност и искрено интересирање.
Правев планови, почнував навреме и секогаш се потпирав на визуализации, практични примери и многу задачи. Верував дека кога ќе учиш со цел да разбереш, успехот е само природна последица - додава дипломката.
Младите инженери можат да бидат аналитичари, програмери и иноватори истовремено
Најстресниот момент за време на студирањето ѝ бил денот пред одбраната на дипломската работа. Чувството дека целиот труд од години треба да се претстави за неколку минути ѝ создавало голем притисок.
-Сакав сѐ да биде беспрекорно затоа што зад себе имав години вложен труд и знаев колку многу значи таа работа за мене лично и академски - додава Беса.
Дипломската работа ја смета и за свој најзначаен успех при студирањето. Работела на проект со open-source софтвер за анализа на статички неопределени греди. Тоа не било само техничко достигнување, туку начин да покаже дека инженерството може да биде и традиционално и современо – и дека младите инженери можат да бидат аналитичари, програмери и иноватори истовремено.
Запишана е на магистерски студии и воедно е демонстратор на Градежниот факултет. Тоа ѝ овозможува да биде дел од академската средина и истовремено да продолжи да се надградува како инженер и како иден истражувач. Но, голема желба ѝ е да работи на проекти кои ќе останат за идните генерации, со вистинска вредност, не само конструктивна, туку и општествена. Сака да работи на решенија кои не само што се функционални, туку се доверливи и долготрајни.
Не градете само конструкции, туку и карактер
- Во градежништвото би вовела поголема транспарентност и контрола при спроведување на проектите. Би го надградила процесот на дигитализација и би вложила во младиот кадар – преку пракси, менторства и реални задачи. Време е конечно да се откажеме од практиката „така било отсекогаш“ и да градиме систем што ги вреднува знаењето, визијата и интегритетот бидејќи така се гради силна и одржлива иднина - нагласува Исмаили.
На младите студенти по градежништво им порачува да не се плашат од предизвиците.
- Градежништвото бара многу, но ви враќа повеќе. Бидете љубопитни, поставувајте прашања, не задоволувајте се со површинско знаење. Градете не само конструкции – туку и карактер. И запомнете: вистинските инженери не само што решаваат проблеми, туку тие создаваат иднина - вели најдобрата дипломирана студентка на Градежниот факултет при УКИМ.
Фото: приватна архива