X
 02.07.2018 Живот

Поради мојата анксиозност, три месеци не ја напуштив куќата

Можам да речам дека мојата анксиозност почна кога имав само осум години.

Мојот чичко почина трагично. Додека моите родители се справуваа со нивната болка, јас бев оставена да се справам и да сфатам што се случило. Истиот период почнаа и малтретирањето и исмејувањето на училиште. Тогаш јас бев прилично изолирана.

Првиот напад на паника го имав на 10-годишна возраст - оттогаш анксиозноста беше постојано присутна во мојот живот.

Сега имам 22 години. Не можам да се сетам до детали на првиот паничен напад, но знам дека не одев на училиште неколку недели. Тогаш го запознав животот каков што го знам сега.

Кога бев средношколка, анксиозноста ме спречуваше да ги полагам тестовите. Влијаеше врз сѐ. Ако постоеше нешто што сакав да го правам, како на пример дружење со пријателите, јас лежев на каучот, мирна, цели два дена.

Нападите на паника се различни кај секој, а моите се променија низ годините. Во тоа време имав чувство дека ќе си го голтнам јазикот. Мислев дека ќе умрам и дека моето тело се откажува. После напад, толку се плашев да не имам уште еден, што правев сѐ за да го избегнам. Лежев, обидувајќи се да се смирам. Ова беше дел од мојот механизам за справување.

Си велев: „Ако не се уморам на никаков начин, можам да спречам да имам уште еден“.

Во мај 2015 година не можев да ја напуштам куќата. Живеев со моите родители токму поради мојата анксиозност. Развив тешка фобија од повраќање, што ја имам и денес. Мојата анксиозност главно беше фокусирана на тоа што ќе се случи ако се разболам. Стравот предизвика да не излезам од дома цели три, осамени месеци.

Беше лето, и поради сонцето чувствував поголема анксиозност затоа што мислев дека жештината ќе ми предизвика лошење. Го поминав времето гледајќи епизоди од „Пријатели“ и учејќи да плетам. Тоа ми го одвлекуваше вниманието.

Не можев да најдам утеха во храната. Фобијата од повраќање ме тераше да се плашам од секоја храна што потенцијално би можела да предизвика труење. Цело време се обидував да не јадам или да јадам „безбедна“ храна како салата, леб и крекери.

Тешко ми беше да гледам што било на телевизија затоа што ми надоаѓаа чувства. Ако видев дека луѓето се болни или ако слушнев повраќање, паничев. Со „Пријатели“, веќе знаев што ќе се случи, така што знаев дека нема изненадувања.

Гледав и многу луѓе на „Јутјуб“, разговарав со пријателите на социјалните медиуми. Беа полни со разбирање, а единствено ги гледав само ако ме посетеа во мојот дом.

Имав и момче што ми беше неверојатна поддршка. Бевме заедно шест години и мојата ситуација го зеде својот данок на нашата врска. Доаѓаше да ме види, но мојата анксиозност го бркаше.

По еден месец, мајка ми и татко ми беа поканети на свадба, така што јас останав сама дома. Поради мојата анксиозност, бев преплашена да останам сама. Бев загрижена дека ќе се разболам и дека нема да има никој  да ми помогне. Меѓутоа, свадбата им беше важна на моите родители и не сакав да ја пропуштат. Знаев дека е нешто со кое морам да се справам.

Подготовката да ја поминам ноќта сама беше како воена процедура. Моите родители ми напишаа голем план за тоа што ќе има на телевизија, што да правам секој час и што да јадам. Бидејќи гледав влогери, одлучив да се обидам да создадам сопствен влог.

Зборував за тоа како се чувствувам, зошто бев анксиозна, што е всушност анксиозноста и како станав изолирана поради неа. Со снимањето, се чувствував дека споделувам со некој што ми помогнал во овој момент. До моментот кога се вратија моите родители, јас имав снимено шест видеа.

Првиот пат кога се обидов да излезам од дома беше бидејќи сакав да видам пријател кој живееше на пет минути оддалеченост. Иако бев загрижена кога стигнав до вратата, почувствував дека е важно да продолжам - по три месеци, навистина не можев да седам повеќе внатре. Ми требаше време, но стигнав. Не останав долго, но беше почеток.

Започнав да пишувам цели, а под нив број. Кога почнав да се чувствувам удобно, се качував на автобус и продолжував да го правам она што мислев дека можам.

Сѐ уште не е лесно. Сега живеам сама. Полесно ми е со независноста. Постепено, почнав да поминувам време сама без да ми биде страв.

Сега работам една вечер неделно во локалниот паб, каде што некогаш не можев да се натерам да влезам. Мислев дека никогаш нема да се вработам, ниту да правам нешто за себе.

Моите шефови имаат доста разбирање. Ако не можам да стигнам за мојата смена, тие не се лутат бидејќи знаат дека едноставно не можам да ја напуштам куќата тој ден.

Влогирањето ги промени работите. Неверојатно е да се знае дека не си единствената личност што поминува низ анксиозност.

Што се однесува до иднината, сега имам поголема надеж. Размислувам за тоа каде сакам да одам, каде би патувала и што би сакала да работам. Мислам дека идејата да работам нешто со социјалните медиуми или нешто поврзано со менталното здравје е одлична. Но во моментот, доволно ми е да видам што ќе чувствувам кога ќе се разбудам и што ќе донесе денот.

Автор: Џени Сталард
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот