X
 18.08.2017 Забава

Петте најдобри детски играчки на сите времиња

Играчките за деца станаа софистицирани, а нивната цена постојано расте. Тие опфаќаат многу различни можности и постои речиси неограничен избор, па се наметнува прашањето кои играчки всушност се оние што децата со сигурност ќе ги обожаваат? Како да се купи нешто со кое детето со задоволство ќе си игра и што нема по две недели да заврши во аголот од собата каде што стојат непосакуваните играчки?

Сепак, можат да се издвојат пет омилени играчки за секое дете, а се прифатливи за сечиј буџет и гарантираат забава, на отворен простор, но и во домашни услови. Еве ги петте најомилени детски играчки на сите времиња:

1. Стап

Обичен дрвен стап. Можностите за играње со стап се речиси неограничени: копање дупки, мечување, глумење стари лица и сè друго што може да го замисли бујната детска фантазија. Ги има во различни големини и форми, евтини се и лесно достапни, па за мали средства може да се набави цела колекција. Со малку фантазија, можат лесно да се „унапредат“, со брусење, полирање или боење. Кога веќе нема да требаат, стаповите можат да се остават без грижа во природа затоа што се целосно биоразградиви и сосема се безопасни за средината.

Стаповите можат да се користат и како мечеви, па ако не поддржувате насилни играчки, можеби треба да ги избегнувате поголемите „модели“.

Што сакаме кај стаповите: ова е единствената играчка што буквално „расте на дрво“.

Што не ни се допаѓа кај нив: стаповите можат да бидат опасни, па затоа бидете внимателни.

2. Картонска кутија

Високо на листата со најдобрите играчки на сите времиња се наоѓа и обичната картонска кутија. Токму таква со која и самите сакавте да играте во детството. И каква што, најверојатно испарталена, во моментов имате во дневната соба. Кутиите исто така можат да се најдат во различни форми и големини, а особено се посакувани најголемите зашто можат да послужат како куќички за деца. Со оглед на нивната форма, можат да се користат и како мебел за играње, костим за роботи, тапани и слично. Помалите можат да послужат како посебно скривалиште за богатство или вреден пластичен накит. Заедно со соодветен стап, можат да послужат како брод, а стапот да стане весло. Има случаи и кога кутиите се користат како временска машина или посебни видови возила.

Кутиите се достапни на многу начини. Најлесно се добиваат после каква било набавка, а за нив не мора да се издвојуваат средства. Ако ви требаат поголеми модели, лесно се наоѓаат зад најблиската продавница, особено каде што се продава бела техника. Во замена за картонска кутија можат да се користат и разни кутии од домаќинството, како корпа за алишта или пластичните кутии за играчки, но тие не се толку флексибилни.

Што сакаме кај кутиите: разновидноста и неограничените можности за играње и лесната достапност.

Не ни се допаѓа: што да правиме со онаа искината кутија што уште ни стои во дневната соба?

3. Јаже

Сите деца ја обожаваат оваа играчка, а кога ја немаат, се користат со разни шалови, марами и слично. Всушност, она што им треба е најобично јаже. Секако дека треба да внимавате, особено кај помалите деца, затоа што постои можност од задушување ако детето си го врзе околу вратот. Сепак, ако се користи на соодветен начин, јажето е многу забавна играчка за децата. Може да се користи како огламник за кадифените куќни галеничиња, за закачување предмети на вратата. Ако имате стап, со јажето може да се направи и стап за риболов. Исто така, од две лименки и тенко јаже, може да се направи телефон.

Еластичните јажиња често се користеа и за популарните игри како гуми-гуми и јо-јо. Ако сте подготвени за поголема инвестиција, набавете подебело јаже кое може да се користи за искачување на дрвја, како нишалка или за прескокнување.

Кај јажето ни се допаѓа: навистина ги поврзува работите.

Не ни се допаѓа:
јажето може да биде опасно за мали деца, па затоа внимавајте.

4. Картонска цевка

Обичната картонска цевка како оние што доаѓаат во пакет со тоалетната хартија или кујнските крпи е ултимативна играчка за деца. Лошо е што мора да се потроши цела тоалетна хартија за да се добие играчката. Ретко можат да се најдат и во поголеми величини кои одат со хартија за завиткување подароци, па тогаш настанува општо веселење. Најголемите примероци можат да се најдат во продавниците за теписони или како отпадна хартија во некои трговски дуќани. Главно, картонските цевки се користат како телескопи, во зависност од величината и формата. Тесните и долгнавести цевки од картон можат да се користат како мечеви. Ова е особено привлечно затоа што со нив не може да се направи штета како при користење стапови. Постојат дури и натпревари во мечување со картонски цевки.

Што сакаме кај картонските цевки: евтини се и се набавуваат бесплатно заедно со тоалетна хартија или кујнски крпи за раце.

Не ни се допаѓа: не се издржливи, па брзо завршуваат во ѓубре.

5. Кал

Ова е играчка што постоела отсекогаш и тешко дека некогаш ќе се ослободиме од неа. Калта секогаш ќе биде главна грижа на родителите-чистотници, па можеби дојде време кога треба да ја прифатиме како нормална детска играчка? Иако по играњето задолжително е перење на цела облека, калта всушност е многу корисна работа за децата. Докажано е дека децата што си играат со кал имаат подобар имунитет од оние што имаат забрана за таква игра.

Калта може да се користи на разни начини. Можат да се копаат дупки во неа, да се прават кули или пити, но калта е добра и како терен за возење автомобилчиња или само за едноставно скокање и прпелкање во неа. И запаметете, ако калта не е доволно каллива, секогаш можете да додадете малку вода.

Калта сепак не е играчка која може да се употребува во домашни услови, без оглед колку децата инсистираат на тоа. И сè додека го почитуваат тоа правило, играњето со кал може да биде вистинско уживање за нив.

Што сакаме кај неа
: калта е евтина и секаде ја има.

Не ни се допаѓа: нечиста е.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава