X
 18.10.2022 Култура

Британците повикуваат на бојкот на серијата „Круната“ поради оваа сцена

Петтата сезона од серијата „Круната“, која ги следи настаните на кралското семејство, ќе ја доживее премиерата на 9 ноември, по само еден и пол месец од смртта на кралицата Елизабета Втора.

И додека јавноста дебатира дали девет недели е прерано за премиерата, „Нетфликс“ ги објави првите сцени од петтата сезона, која е напишана една година пред смртта на кралицата и снимена неколку месеци порано.

Критичарот од „Сандеј тајмс“ имал можност да ја изгледа серијата, а како еден од највпечатливите моменти го издвои оној во кој принцезата од Велс седи на софата во палатата Кенсингтон и гледа телевизија, поточно специјалното издание наречено „Монархијата: Нацијата одлучува“. Во емисијата, Тревор Мекдоналд го поставува прашањето: „Дали сакате монархија?“ Дијана постојано телефонира и секогаш гласа за не, не ни треба монархија.

Ова шоу навистина се случи, а ова беа гласовите: 66 отсто гласале за монархија, а 34 отсто против монархија.

- Оваа мешавина на факти и фикција секогаш на границата привлекува милиони гледачи - пишува критичарот на „Сандеј тајмс“.

Новата сезона на серијата се занимава со настаните од почетокот на 1991 година, кога Чарлс и Дијана се на нивниот втор меден месец. Со оглед на тоа што помина време од дејството во четвртата сезона, во петтата сезона сите се постари, па актерите се нови.

Имелда Стаунтон ја глуми кралицата Елизабета, Џонатан Прајс е војводата од Единбург, Доминик Вест е Чарлс, додека Елизабет Дебицки ја глуми принцезата Дијана. Наташа Макелхон ја глуми Пенелоп Кнечбул, блиска пријателка на принцот Филип за чија наводна афера наголемо се пишувало и зборувало во тоа време.

Пени имала 26 години кога го запознала Филип, кој тогаш имал 58 години. Кога нејзината петгодишна ќерка починала од рак на бубрезите во 1991 година, тој ѝ бил голема поддршка. Пенелопе Кнечбул е единствената личност надвор од кралското семејство која беше на погребот на принцот Филип, бидејќи бројот на гости беше намален поради пандемијата.

Своевремено принцот Филип ѝ се доверил дека со кралицата развиле различни интереси и дека немале многу заедничко. На крајот од епизодата, кралицата, која е свесна дека нешто се случува, го прашува дали мажот и жената треба да чуваат тајни еден од друг, но кога таа ќе го праша за неа, тој одговара дека не се случува ништо.

Во серијата се шпекулира и за неговите љубовници, меѓу кои наводно била и руската балерина Галина Уланова.

Серијата се занимава и со моментот кога Чарлс доаѓа кај мајка си да побара развод од Дијана, но во тој момент браковите на трите од нејзините четири деца се распаѓаат, па кралицата не е воодушевена.

- Направив сѐ што бараше од мене, 11 години се обидувам да направам да успее - ѝ вели тој.

Со серијата се користи и моментот снимен од радиооператор-аматер во кој Чарлс ѝ се јавува на Камила во 1989 година и ѝ кажува дека сака да „живее во нејзините панталони“.

Во „Круната“, Чарлс е прикажан како фрустриран иден крал кој нетрпеливо ја чека круната. Во серијата се прикажува и како Чарлс му се јавува на Џон Мејџор во Хајгроув на таен состанок на кој тој предлага да се смени неговата мајка.

- Што ја прави успешна Конзервативната партија? Инстинктот за обновување и желбата да направи место за некој помлад - го уверува Чарлс. Но, кога некој му вели дека сето тоа би изгледало прилично лошо, Чарлс одговара дека не го измачува чекањето, туку годините поминати во лош брак.

Токму оваа сцена ги вознемири Британците, па некои од нив повикуваат на бојкот на целата серија. Имено, Џон Мејџој потврдува дека таа средба и тој разговор никогаш не се случиле и дека сцената е куп злобни измислици.

Серијата покажува дека нема сомнеж дека Дијана била прислушувана од МИ5, и е прикажана како осамена, изолирана и параноична, но се чини со добра причина.

Доминик Вест, кој го глуми Чарлс, вели дека серијата се обидува да замисли што се случувало зад затворени врати, и не се обидува повторно да создаде настани од реалниот живот.

- Мислам дека на луѓето им е јасно дека не станува збор за имитација, актерите се менуваат на секои две сезони. Серијата се обидува да ги замисли приватните разговори што се одвивале зад затворени врати. Секако дека е невозможно да се замисли, но има одличен писател кој дијалозите ги базира на опсежни истражувања - вели тој.



Крајот на четвртата сезона и почетокот на петтата е моментот кога Дијана сфаќа дека нејзиниот брак од соништата нема да биде онаков каков што би сакала таа да биде.

Оливија Вилијамс, која ја глуми Камила Боулс, смета дека овој пристап има и свои предности.

- Публиката ќе има подобра перспектива за интимните моменти. На пример, Чарлс и Камила имаат здрава смисла за хумор и верувам дека тоа им беше од голема корист. Токму тоа сакам да го покажам - вели таа.

Извор: b92.net
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура