X
 18.10.2025 Живот

По документарецот, пристигна и серија за семејството Мардо

Еден од најозлогласените криминални случаи во Америка пристигнува на малите екрани, во форма на драмска серија со наслов „Мардо: Смрт во семејството“. Криминалот, моќта, семејната драма и падот на привилегираните се елементи што обично ги исполнуваат сценаријата на филмовите и сериите. Но, кога таква приказна се случува во реалноста, таа станува уште поинтересна. Токму затоа публиката не може да одолее на вакви приказни бидејќи реалноста понекогаш ја надминува дури и најимагинативната фикција.

За потсетување - Алекс Мардо е моќен човек од Јужна Каролина кој безмилосно им ги одзеде животите на својата сопруга Меги и помладиот син Пол во јуни 2021 година. Пред да ги шокира САД со своите бездушни убиства, тој беше истакнат член на заедницата, член на почитувано семејство кое имаше статус на градска аристократија и познат адвокат. Многумина не можеа да поверуваат дека еден примерен семеен човек е подготвен да изврши ужасно злосторство. Неколку ТВ-емисии го анализираа случајот, вклучувајќи го и документарецот „Убиствата на Мардо: Јужен скандал“, достапен на „Нетфликс“.

Крајот, кој воедно е и почеток…

Излезе дека фаталната несреќа на чамец била само почеток - врвот на ледениот брег во темната приказна за семејството Мардо. Зад фасадата на моќ и богатство биле скриени многубројни злосторства, обвинувања за финансиски измами и низа сомнителни смртни случаи.

Помладиот син, Пол Мардо, бил обвинет за предизвикување несреќа во која починал млад патник, откако тој и неговите пријатели нелегално го зеле семејниот брод. Јавноста била згрозена од небрежноста, а многумина веруваат дека неговиот татко, Алекс Мардо, решил брутално да го убие својот син за да го заштити угледот на семејството и да спречи понатамошно откривање на темни тајни.

Серијата „Мардо: Смрт во семејството“ се стреми да даде одговори на овие прашања. Познато е дека ќе го прикаже постепениот процес во кој Меги ги открива лагите, манипулациите и предавствата на Алекс и психолошкото и емоционалното влијание што ги има врз неа.

 

Не носи ништо ново, но…

Во оваа телевизиска адаптација на случајот Џејсон Кларк и Патриша Аркет ги играат сопружниците Мардо. Во најавата јасно се наведува дека серијата не ги идеализира ликовите, туку се стреми да ја покаже темната страна на моќта, привилегиите и семејните врски што довеле до трагедијата. Исто така, премисата е таква што серијата служи како еден вид предупредување за опасностите од манипулација, нарцизмот во врските, тајните и моќта што луѓето со големо влијание можат да ја злоупотребат.

Серијата се состои од осум епизоди. Првите три веќе ги има на платформата „Хулу“.

Извор: journal.hr

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот