X
 18.12.2017 Живот

Трајче Стафилов, професор на ПМФ: Мексико Сити и Лондон спроведоа мерки и драстично го намалија загадувањето

Особено се штетни малите цврсти честички (оние помали од 10 микрометри, PM10, или помали од 2,5 микрометри, PM2,5) кои во себе имаат апсорбирано многу други токсични супстанции присутни во воздухот и на тој начин и нив ги внесуваме во организмот – објаснува професорот Трајче Стафилов од ПМФ.

Скопје било многу загадено и пред триесетина години, но за разлика од денес, кога знаеме дека директно вдишуваме цврсти честички, тогаш скопјани дишеле и чад, но и сулфур диоксид, кој за среќа сега речиси го нема. Ова го вели професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија на ПМФ и потврдува дека Скопје отсекогаш бил загаден град.

Според него, одредено намалување на загадувањето во земјава може да се постигне и со привремени мерки, а од долгорочните ќе има многу подобрување во иднина, но треба веднаш да почнат да се применуваат.

- Во светот постојат голем број примери на градови во кои со спроведување на ваквите мерки загадувањето е драстично намалено. Едни од нив се Мексико Сити во поново време и Лондон – вели тој.

Иако податоците за загадувањето на воздухот во Скопје од пред 20-30 години се лимитирани, сепак Хидрометеоролошкиот завод вршел мерења на концентрациите главно на сулфур диоксид, чад, азотни оксиди, а повремено и на неколку други гасови. Стафилов за Факултети мк објаснува дека концентрациите на чад (кој може да корелира донекаде со застапеноста на цврсти честички) биле исто така високи во зимскиот период.


Трајче Стафилов, професор од Институт за хемија, ПМФ

- Разликата е во тоа што во тој период, поради користење мазут за загревање (најмногу топланите) кој имаше висока содржина на сулфур, концентрациите на сулфур диоксид, па и на чад, беа енормно високи. Поради преминување на користење на природен гас наместо на мазут, уделот на загадувањето на воздухот од трите главни топлани во Скопје е драстично намален. Сега концентрацијата на сулфур диоксид во воздухот во Скопје е релативно ниска, дури и во зимскиот период – вели Стафилов.

Температурната инверзија го задушува Скопје

Тој нагласува дека причина за многу високите концентрации на цврстите честички (помали од 10 микрометри) во Скопје, но и во другите градови во Македонија, во овој период од годината, е и појавата на непогодни метеоролошки ефекти.

- Од нив најмногу е изразена температурната инверзија, која оневозможува вертикална, па и хоризонтална дистрибуција на загадувачките материи во воздухот во котлините – вели Стафилов.


Температурната инверзија во превод значи создавање воздушна прекривка. Ако има населено место, како што е случајот со Скопје, целото загадување од домаќинствата, индустријата, транспортот, градежните активности се собира во котлината и не може да излезе надвор од поклопецот. Стафилов вели дека постојат повеќе причини за енормното загадување на воздухот во Скопје. Повеќе студии покажуваат дека најголем удел во загадувањето, посебно во зимскиот период, има согорувањето на дрвата и јагленот за загревање во домаќинствата. Секако на тоа треба да се додаде и уделот од сообраќајот, индустријата, како и градежните активности, смета тој. Го прашуваме кои се реално мерките што најитно мора да се преземат за да се подобри квалитетот на воздухот?

 - Значително намалување на квалитетот на воздухот не можеме да очекуваме во краток временски интервал. Сепак, одредено намалување на загадувањето може да се постигне и со привремени мерки. Овие мерки се предвидени во програмите изготвени од страна на градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање. Неопходно е тие да почнат да се активираат и да се применуваат – вели Стафилов.

Не е можно големо намалување на загадувањето за краток временски период

За колку време од спроведување на мерките може да се очекуваат резултати, е прашањето што ги интересира сите граѓани на загадената Македонија. Стафилов вели дека долгорочните ефекти треба да се очекуваат на долги временски периоди, кои зависат од тоа колку бргу тие ќе почнат да се спроведуваат и со какво темпо.

- Секако, за нивно спроведување потребни се големи финансиски средства. Такви посеопфатни мерки се, на пример, зголемување на опфатот на приклучување на централното парно греење, гасификацијата, намалување, па и елиминирање на загревањето со јаглен, а постепено и на тоа со дрва, регулирање на користење стари возила, посебно оние што користат дизел, воведување други алтернативни извори на енергија, како што се сончевите колектори и слично. Во светот постојат голем број примери на градови во кои со спроведување на ваквите мерки загадувањето е драстично намалено. Едни од нив се Мексико Сити во поново време и Лондон - објаснува професорот.

Аерозагадувањето, односно решавањето на овој проблем беше главен адут на сите кандидати за градоначалници на локалните избори. Во секоја програма се споменуваше гасификацијата на градот, намалување на сообраќајот, мерки за стимулирање на велосипедизмот, запирање на градежните активности. Општиот впечаток е дека тие не ја оправдуваат довербата на граѓаните. Стафилов околу ова прашање вели:

 - Мислам дека сите тогашни кандидати за градоначалници беа свесни дека не е можно битно намалување на загадувањето за краток временски период. Како што напоменав, преземањето мерки за значително намалување на загадувањето на воздухот бара многу време и многу средства. Но, сепак, потребно е барем во периоди на екстремно загадување да се преземат краткорочните мерки.

PM10, и PM2,5 честичките апсорбираат многу други токсични супстанции

Од различни извори во воздухот се емитираат различни загадувачки материи кои ние ги внесуваме во организмот најмногу преку белите дробови. Оттука тие токсични супстанции преку крвта се пренесуваат во различни органи каде што по нивното акумулирање до одредени концентрации дејствуваат токсично и го нарушуваат нашето здравје.

- Посебно се штетни малите цврсти честички (оние помали од 10 микрометри, PM10, или помали од 2,5 микрометри, PM2,5) кои во себе имаат апсорбирано многу други токсични супстанции присутни во воздухот и на тој начин и нив ги внесуваме во организмот – објаснува професорот Стафилов.

Тој советува поединците да ги почитуваат препорачаните привремени мерки од страна на лекарите: што помалку престој на отворен простор, користење заштитни маски, препорачливо оние со активен јаглен. Одговорните да отпочнат со преземање привремени мерки и секако да се продолжи со многу поголем интензитет на реализацијата на долгорочните мерки.

Според Стафилов, прочистувачите на воздух во домовите, градинките и слично делумно помагаат за намалување на загадувањето на просториите. Од маските, според него, најдобри се оние со активен јаглен, но и тие треба по одреденото време на користење да се заменат со нови.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот