Додека голем дел од Земјата уживаше во реткиот спектакл „крвава Месечина“ за време на минатонеделното затемнување, еден осамен робот, далеку од домот, го долови овој настан од сосема поинаков агол.
Од својата позиција во близина на „Маре Крисиум“, недалеку од „Монс Латрел“, возилото „Блу гоуст“ набљудуваше како Земјата постепено се мести пред Сонцето, целосно го покрива неговиот диск и создава совршено тотално затемнување.
- Ова е првпат во историјата комерцијална компанија активно да работи на Месечината и да набљудува тотално затемнување, при што Земјата го блокира Сонцето и фрла сенка врз површината на Месечината - соопшти „Фајерфлај аероспејс“, приватна компанија за вселенска индустрија.
Совршен вселенски танц
Целосното затемнување е резултат на редок и совршен распоред кога Земјата, Месечината и Сонцето се наредени во права линија.
Постојат два вида затемнувања: затемнување на Сонцето – кога Месечината поминува меѓу Земјата и Сонцето, привремено блокирајќи ја Сончевата светлина и претворајќи го денот во ноќ, и затемнување на Месечината – кога Земјата минува меѓу Сонцето и Месечината, но Месечината не исчезнува. Наместо тоа, Сончевата светлина се прекршува низ атмосферата на нашата планета, при што подолгите црвени бранови должини ја обојуваат Месечината во мистично крваво црвено.
Но, од Месечината, перспективата е сосема поинаква – Земјата го покрива Сонцето, создавајќи сцена многу слична на Сончевото затемнување гледано од Земјата.
На Месечината моментално нема човечки набљудувачи. Всушност, луѓето не стапнале таму веќе половина век. Но, возилото „Блу гоуст“ беше на вистинското место во вистинското време за да го сними овој редок феномен.
Бидејќи лендерот работи на соларна енергија, за време на петчасовното затемнување мораше да се потпре на резервните батерии. Температурната разлика беше екстремна: од 40 степени се спушти на -170 степени, бидејќи Месечината нема атмосфера што би ја задржала топлината. Во трајно засенетите области, температурите можат да паднат и под -246 степени.
Но, напорот се исплати. Возилото не само што успеа да го сними целиот настан, туку ги „улови“ и Венера и Меркур како ненамерни учесници во сцената, со тоа што Венера се појави десно, а Меркур лево од Сонцето на видеото.
„Блу гоуст“ има ограничено време за својата научна работа, а тоа е само еден Месечев ден, што трае околу 14 Земјини дена. Откако ќе настапи Месечевата ноќ, лендерот ќе работи само уште неколку часа пред да се исклучи засекогаш, бидејќи преживувањето во студените, темни услови на Месечината е премногу комплексно.
„Фајерфлај аероспејс“ планира да објави уште фотографии од затемнувањето, а успешноста на ова набљудување е одличен показател за идните мисии.
Науката што ќе произлезе од ова ветува многу, а научниците и јавноста со нетрпение очекуваат да видат што уште подготвил овој мал робот.
Извор:
Science Alert
Фото:
Firefly Aerospace