X
 19.04.2018 Култура

Што е јукис? - Вонбрачното дете на јапи и хипстер

Кога американската хипотекарна криза го означи почетокот, во зависност од гледната точка, светот во целосен сјај ја промовира супкултурната форма во вид на јапи.

Менаџери со два мобилни телефони, дебели банкарски сметки и луѓе чиј социјален статус влијаел врз милиони млади луѓе низ светот да се запишат на менаџерски факултет.

По нив, демографските наследници на генерацијата Х, родени кон крајот на 80-тите до крајот на 90-тите - милениумците, научија од грешките на нивните претходни генерации и станаа хипстери.

Љубителите на инди-филмовите, алтернативната музика и органската храна, од американскиот континент за брзо време се прошириле во другите делови од светот. До пред неколку години беа медиумски најзастапена и најатрактивна супкултурна група во медиумите.

А потоа на сцена настапија јукис - млади урбани креативци (young urban creatives).

Koи се јукис и што прават тие?

Поимот јукис, како дел од генерацијата милениумци, првпат го вовел Дејвид Инфанте, колумнист на веб-страницата „Машбл“. Тој ги опишал како производи од удобните приградски населби, индоктринирани со трансцендентална моќ на образованието.

Не само што заслужуваме да сонуваме за нашите соништа туку и заслужуваме од нив да профитираме.

Овој „возрасен хипстер“ станал свесен за својата пазарна вредност. Уживајќи во својата слобода, и уште поважно, креативноста, се стреми да добие пари за својот талент. Парите се добри, но креативните пари се уште подобри.

Ја цени својата слобода, поточно за неа живее. Идеологијата на либерализмот измешана со корпоративната култура и традиционално-хипстерските погледи кон светот го компресираат имиџот на младиот урбан креативец на ниво на напреден јапи. Многу го нарекуваат „вонбрачното дете на јапи и хипстер“ токму поради сличноста со двете супкултури.

1
Фото: Freepik

Милениумците, исто така познати како ехо бејби-бумери, се различни од нивните постари претходници поради трендот на помали семејства на Запад. Од друга страна, она што го поседуваат младите урбани креативци е технолошко знаење, функционална писменост и корпоративна култура што ја негуваат преку нивните бизнис-авантури.

Оваа генерација е полна со млади претприемачи, стартап-гении и модни „фрикови“ кои носат очила од бамбус, јукис претставуваат приказна за една цела генерација на возрасни на „светската мрежа“.

Јукис и технологијата


Оваа генерација активно учествува во четвртата индустриска револуција. Еден од нив, најпознат член на оваа супкултурата, е Марк Закерберг, основач на најголемата социјална мрежа во светот „Фејсбук“.

Влијанието што „Фејсбук“ и „Инстаграм“ го имаат врз младите урбани креатори и нивните модели на однесување е повеќе од значајно. Причината за тоа е едноставна - сите милениумци сега се таму.

Храната ја нарачуваат онлајн, без паметни телефони и хаштагови не функционираат и добар дел од нивниот идентитет го обликуваат во виртуелниот свет. Благодарение на „Старбакс“, овие млади урбани креативци се генерација што пие многу кафе.

laptop
Фото: Freepik

Креативна автономија

Оваа генерација се карактеризира со несигурна работа, постојани ризици, модерно утврдени практики на волонтирање и неплатена работа. Истражувањето направено во Америка покажува дека 6 од 10 милениумци како мотив за вработување во компанијата ја наведуваат смислата кон која се стреми компанијата. Мал број испитаници (околу 12 отсто) ги навеле мотивите за лично збогатување при наоѓање работа.

Тие ги рушат стандардните норми за работа, на одмор го носат лаптопот, додека на работа уживаат во содржините со корпоративна доза. Иако многумина ги опишуваат како мрзлива генерација, факт е дека со својата работа, особено во ИТ-секторот, во голема мера ја формираат работната сила на државата во која работат. Со оглед на своите демографски карактеристики, милениумците за неколку години ќе бидат солидна поддршка за цела работна сила.

Она за кое сонуваат може да се претстави со равенката - креативна автономија + брзо збогатување. Не е важно само да се заработат пари, еднаков важен е и начинот на кој тоа се постигнува.

Со интернетот, младите урбани креативци допираат до сите оние што сакаат да ги видат, слушнат и од нив нешто да купат. Со своето однесување тие го уништија моделот на класично рекламирање. Спонзорирањето на постовите на социјалните мрежи, прегледите на јутјуб-каналите и герила-маркетингот надополнет со агресивното потенцирање на индивидуалноста ја прават оваа поткултурна групација истакната интернет-револуција.

Позиција во општеството


Младите урбани креативци претежно се високо образовани, но добар дел од нив завршиле факултет во периодот на рецесија. Јукис го претставува оној дел од општеството што има време за размислување.

Новата култура носи и свои модели на брак. Трендот на доцното влегување во заедница на две лица, на прагот (или длабоко) во четвртата деценија, ги ослободува од товарот на приврзаност и одговорност.

Младиот урбан креативец ја набљудува општествената положба флуидно, исто како што го гледа неговиот инстаграм-профил - со малку филтер и разубавување, насмеано лице и креативен занес, јуки е во состојба да се навикне на новото работно опкружување.

Јуки наспроти хипстер


Идентитетот, како збир на поединечни идентификатори, за милениумците (јуки) во голема мера е одреден од идеалните перформанси што тој ги носи. Насмеаните лица, филтрите што ја разубавуваат заднината, скапите кафулиња и егзотичните летувања претставуваат искривена слика наметната од инфлуенсерите - водачите на милениумската јавност.

Затоа многу новинари и експерти жалат за заминувањето на хипстерите. Идентитетот на хипстерот - тетоважите, велосипедите и журките во складиштата, претставува античка историја.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура