X
 19.04.2019 Технологија

Конечно знаеме зошто основачите на „Инстаграм“ набрзина го напуштија „Фејсбук“

Објавен е подолг опис на случувањата во „Фејсбук“ во последната една и пол година врз основа на разговор со 65 сегашни и поранешни вработени, кој, меѓу другото, ја открива и заднината на судирот меѓу Кевин Систром и Мајк Кригер со Марк Закерберг.

Кевин Систром и Мајк Кригер изненадно го напуштија „Фејсбук“ откако компанијата го презеде „Инстаграм“, социјалната мрежа што тие ја основаа и ја претворија во глобален феномен.

Се појавија приказни дека тоа било последица на зголемени тензии со раководството на најголемата социјална мрежа на светот, како и невообичаено долгиот период кој морале да го минат на работа кај новиот газда по преземањето.

Сега е откриено што точно било причина за нивното заминување.

„Вајрд“ објави малку подолг опис на случувањата во „Фејсбук“, заснован на разговор со 65 сегашни и поранешни вработени. Меѓу другото, откриено е дека одредени директори во компанијата биле незадоволни од брзината на подемот на „Инстаграм“, сметајќи дека поради аквизицијата, растот и интеракцијата се пренасочени од главната апликација на компанијата на „Инстаграм“.

Додека Закерберг се подготвувал за првата кадровска рокада меѓу своите директори, основачите на „Инстаграм“ го туркале шефот за почетна страница, Адам Мосери, како свој официјален делегат. Им се допаѓал затоа што сметале дека може да биде добра тампон-зона против сѐ поагресивните барања на компанијата.

Откако Систром учествувал во подготовката на профилот за медиуми, Закерберг објавил дека никој друг не смее да го прави тоа без дозвола од него или од Шерил Сандберг. Разговарајќи со инвеститори во јули 2018 година, Закерберг ги презел заслугите за успехот на „Инстаграм“.

- Веруваме дека „Инстаграм“ растеше двојно побрзо отколку што би растел самостојно благодарение на инфраструктурата на „Фејсбук“ - рече тој.

Потоа од тогашниот директор за развој, Хавиер Оливан, побарал попис од сите начини на кои „Фејсбук“ го поттикнал развојот на „Инстаграм“, за потоа да му каже на Систром дека ќе ја скрати поддршката од „Фејсбук“ за „Инстаграм“, наводно, за да ја заштити главната апликација на компанијата.

Систром испратил меморандум до вработените во „Инстаграм“ во кој ги предупредил што подготвува Закерберг и навел дека тој се противи на тоа, но дека нема друг избор освен да ја прифати одлуката.

Во „Фејсбук“ се исплашиле дека меморандумот може да излезе во медиумите, а Систром заминал на неколкумесечно породилно отсуство. Додека бил отсутен, во компанијата почнале да го тестираат следењето на локацијата и други функции за „Инстаграм“.

Систром се посомневал дека Закерберг сака да му го загорчи животот доволно за да го натера да си замине. Тој и Кригер решиле да го напуштат „Фејсбук“ штом Систром ќе се врати. Кога за тоа го известиле тимот, веста протекла во „Њујорк тајмс“, што ја затекло екипата неподготвена.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија